1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Граници за новинарските „слободи“ на Балканот

Употреба на неавторизирани новинарски содржини, манипулација со фотографии, пиратерија и плагијати...Ова се само дел од проблемите поврзани со авторските права на новинарите.

default

Од конференцијата во Скопје

Невладината организација „Млади инфо“ одржа дводневна конференција во Скопје, насловена „Младите новинари и нивните авторски права“. Учествуваа медиумски работници, адвокати, членови на невладини организации и млади новинари од повеќе земји од регионот. Тие се фокусираа на тоа, како младите новинари да ги заштитат нивните авторски права во „дигиталната ера“.

Сите се согласуваат дека проблемот е присутен скоро во сите европски земји. Иако закони постојат, медиумските работници не се загрижени за проблемите со авторските права. Од интернет се превземаат и се објавуваат фотографии, информации, преведени текстови без притоа да се наведе изворот. Во Македонија законот за авторско право и сродните права е донесен во 2005 година, тој е прилично коректен, но проблем е неговото непознавање, вели Зоран Ричлиев советник за нови медиуми во „Медиа Принт Македонија“:

Mazedonien TV Alfa

„Има многу незнаење во целата работа. Главниот проблем не е во законот, проблемот е што не знаме што можеме, а што не може да искористиме од тоа што го гледаме на интернет. Со овие проблеми се среќаваат меинстрим медиумите, блогерите и секој веб активист. Авторското дело е на тој што го направил и правата може да се пренесат само со договорени услови. Дури и кај медиумите постои некоја збунетост околу тоа што може, а што не може да користат од тоа што е јавно кажано“.

Оценка за состојбата во областа на авторските права во Македонија даде и Филип Стојановски, програмски координатор во фондацијата „Метаморфозис“:

„Во Македонија постои релативно ниска свест за целокупната област на авторските права и за можноста да се искористи правната рамка како систем за заштита на авторите. Тоа се случува во насока на промоција или на поголемо споделување на веќе направените дела, но исто така во маркетиншки цели или како дел од некоја економска соработка“.

Да се внимава на договорите за вработување!

Младите во целиот регион потпишуваат договори за вработување и се грижат само за тоа колкава е платата и годишниот одмор, а не обрнуваат внимание на авторските права, вели адвокатката Јана Дуковска, која работи во областа на авторското право. Таа истакна дека законот за авторски права во Македонија е комплетно идентичен со европските закони, но во пракса постојат многу проблеми:

„Се соочуваме со проблеми околу имплементацијата на законот. Два главни проблеми треба да се регулираат во оваа област: првиот е немањето на специјалени договори кои ги регулираат авторските и интелектуалните права генерално и вториот е немањето на специјални судии кои добро ја познаваат областа на авторските права“.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje

Јана Дуковска вели дека многу е важно младите новинари да внимаваат кога започнуваат да работат на ново работно место и дека треба да ги отворат очите и да видат каков договор потпишуваат.

„Има многу случаи кога новинари работат во медиуми на телевизиски емисии и по извесно време сакаат да направат трансфер во друг медиум. Обично новинарот смета дека тој е автор на таа емисија и дека има право да ја емитува во друг медиум, но од друга страна телевизијата која ја емитувала емисијата вели дека ги има правата. Затоа овие работи треба да бидат регулирани кога потпишувате договор. Исто така мислам дека во пракса не се регулирани ниту договорите на колумнистите кои пишуваат за печатените медиуми, бидејќи нивните текстови се објавуваат и на интернет страниците, а тоа според законот треба да биде регулирано со посебен договор“.

Јавноста да биде сензибилизирана за авторските права

Случаите во судовите поврзани со авторските права треба да имаат поголемо внимание од јавноста, вели Зоран Ричлев:

„Постојат некои ентитети на интернет кои земаат содржини од медиумите и ги објавуваат, а не знаеме кои се тие. Доколку резултатите од судењата се јавно објавени ќе имаме поголем ефект врз целата заедница, и нема нема да може така лесно да се земаат работи од интернет. Важно е прашањето да стане појавно, како во самите медиуми така и во целата јавност. Треба да се знае што е тоа интелектуална сопственост, авторско право и сродни права“, заклучува Ричлиев.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Ж.Ацеска