1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Границите на грчката демократија

Грчкото правосудство одреди притвор за тројца пратеници на неонацистичката партија Златна зора, но тие засега смеат да го задржат своето место во парламентот.

Во притвор е шефот на партијата Николаос Михалолијакос, кој е обвинет дека партијата ја претворил во „криминална организација“. Притворен е и шефот на пратеничката група на Златна зора, Христос Папас, како и пратеникот надлежен за синдикална работа, Јанис Лагос. Во вторникот (01.10) истражните судии ги изненадија политичарите и медиумите во Грција со одлуката да ослободат тројца други водечки членови на партијата до почетокот на судскиот процес. Меѓу нив е и партискиот портпарол и поранешен елитен војник Илијас Касидиарис, кој според обвинението ги води „трупите тепачи“ на Златна зора. Коментаторите оценија дека е тоа удар за премиерот Андонис Самарас, кој претходниот ден изјави дека ќе ги „згмечи“ десните екстремисти. Се слушаат и сомнежи околу тоа дали обвинението било темелно подготвено.

Griechenland Prozess Neonazi-Partei Goldene Morgenröte Nikos Michaloliakos

Никос Михалолијакос им се насмевнува на своите приврзаници при одењето во судот на сослушување

Десните екстремисти ваквата одлука на судиите ја оценија како ослободителна пресуда, но тука не се во право, објаснува Илијас Анагностопулос, вонреден професор по кривично право на универзитетот во Атина. Истражниот судија решава од случај до случај дали обвинетиот оди во притвор или не. Притоа одлучувачко не е расположението на населението, туку доказниот материјал, личноста на обвинетиот и прашањето - дали постои опасност тој да побегне или да го повтори делото. „Очекувањата на јавноста од процесот се големи и се подгреваат од медиумите, па оттука и барањата за брзо казнување“, критикува Анагнастопулос.

Како да се постапува натаму со Златна зора?

Високите очекувања на јавноста ги поттикнува и државата, „како брзата постапка да ќе ги компензира сите пропусти направени во минатото“, оценува Костис Папајоану, претседател на грчката Комисијата за човекови и граѓански права. Тој, меѓутоа, додава дека порција самокритика од страна на државата „има смисол“, зашто институциите долго време не преземале ништо против десните радикали.

Од падот на воената диктатура во Грција и повторното воспоставување демократија во 1974 година, сѐ уште немало ниту една кривична постапка против пратеник. Поради тоа околу прашањето како натаму да се постапува со Златна зора, која има 18 пратеници, владее и натаму збрканост. Шестмина пратеници се обвинети за „криминално здружување“. Забрана на Златна зора во основа не е можна, затоа што грчкиот устав не предвидува партија да се прогласи за илегална. Засега и обвинетите пратеници не го губат мандатот во парламентот.

Goldene Morgenröte Ünterstützer Demos in Athen 02.10.2013

Приврзаници на Златна зора

Во грчката јавност дури се слушаат и ставови дека тие имаат право од притвор да учествуваат во дебатите во парламентот и гласањето. Десните екстремисти веќе направија обид - тие го замолија претседателот на парламентот Евангелос Меимаракис „да ги преземе сите неопходни чекори“ за притворениот партиски лидер Михалолијакос да учествува на седницата за пратенички прашања. Тоа би можело да значи дека десноекстремниот политичар би излегол на говорница во полициска придружба и по говорот би се вратил в затвор. Претседателот на парламентот се прогласи за ненадлежен и го упати Михалолијакос на обвинителот.

Не треба да се дејствува од одмазда

„Учество на парламентарна седница би било преседан“, нагласува Анагнастопулос. Мора да се диференцира - пратеници кои се во затвор немаат право да учествуваат на дебати или гласање во парламентот, но смеат да извршуваат други дејности, како да даваат политички изјави или интервјуа. За пратеници кои се на слобода нема никакви ограничувања, објаснува грчкиот експерт по право, кој својата дисертација ја имаше во Франкфурт. Според постоечките закони, мандатот се губи дури откако против пратеникот ќе се донесе правосилна пресуда. Само подигнување обвинение не е доволно.

Борецот за човекови права Костис Папајоану веќе подолго време е еден од најострите критичари на десните екстремисти, но и самиот е на мислење дека не е потребен претеран акционизам или да се дејствува од одмазда. „Уништувањето на Златна зора и прашање на опстанок на грчката демократија. Ние навистина веруваме дека нашата демократија има право да се брани.“ Но нејзината одбрана може да се реализира само во рамки на правниот поредок.

Поврзана содржина