1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Градоначалникот на Белград сака да ги испрати Ромите во Белгија

(Не)дипломатска преписка на градоначалникот на Белград Драган Ѓилас и градоначалникот на белгискиот град Ларне Игнас де Бердемакер за ромските проблеми во Белград.

Се’ започна со писмо на белгискиот градоначалник, кој бараше од Драган Ѓилас да ги запре „сите насилни иселувања од неформалните градски населби, вклучувајќи го и она од страна на Дирекцијата за развој на Белград“. „Барам да обезбедите соодветно обезбедување и осигурување тие иселувања да поминат во согласност со меѓународните стандарди за човекови права, вклучувајќи ги и принципите и упатствата на ОН за раселување на лица предизвикани од развојот“, му пишува белгискиот градоначалник на српскиот колега.

Градоначалникот на Белград во својот одговор најпрво му одржа иронична лекција на Бердемакер, бидејќи се јавува како градоначалник на место со 12.000 жители, кој советува градоначалник на град со речиси 1,7 милиони жители, и му нагласи дека нивната финансиска поддршка и помош во решавањето на ромското прашање би била далеку покорисна.

„Градот Белград по повеќе писма спроведе анкета меѓу припадниците на ромската популација, според која 76 проценти од нив се изјаснија дека веднаш би заминале да живеат во Белгија, додека останатите 24 проценти изјавија дека со задоволство би ја посетиле Белгија, за на терен да се уверат во квалитетот на животот“, порача Ѓилас.

„Доколку сте во можност да примите некои од овие луѓе, ние ќе им организираме превоз. Во случај некој од нив да се упати кон Ларне во сопствена организација, ве молам да ме известите за тоа“, напиша Ѓилас исто така во својот одговор.

НВО секторот потклекна пред Ѓилас?

Во неколку ромски и невладини организации, кои ги контактиравме, речиси никој не најде нешто спорно во ставовите на градоначалникот на Белград. Повеќето контактирани или не сакаа да зборуваат на темата или, пак, во неформален разговор велат дека сосема се сложуваат со ставовите на Драган Ѓилас.

За некои тоа е само безопасен забавен тон на градоначалникот на Белград, околку кој не би требало да се крева премногу прашина. Миленко Дерета, директорот на „Граѓанската иницијатива“, за Дојче веле оценува дека одговорот на Драган Ѓилас на ниту еден начин не е дискриминација на ромската популација.

„Во таа преписка гледам одговор на еден човек, кој го напишал тоа што го мисли, а не тоа што е вообичаено во тој вид на ’политички коректна комуникација’, која секогаш се обидува да релативизира некои работи. Мислам дека најдобриот показател дека тоа писмо на ниту еден начин не ги навредува или потценува Ромите во Србија. Факт за тоа е и што ниту една ромска организација, ниту Националниот совет на Ромите, не реагираа на тоа“, вели Дерета.

Serbien Sinti und Roma Kinder

Многу ромски семејства во Србија живеат на ѓубришта

Шеретски градоначалник на Белград

Драгољуб Ацковиќ, потпретседател на Интернационалната ромска академија на науките и уметностите, за Дојче веле забележува дека не е првпат Драган Џилас да употребува ваков „шеретски тон“ во комуникацијата со оние кои се грижат за ромските проблеми во Србија и потсетува на преписката на Ѓилас и Амнести интернешнал. Ацковиќ смета дека сите тие господа и заслужуваат таков вид на одговор, бидејќи никој од нив не реагира кога Ром ите директно се обраќаат за решавање на некој проблем.

„Немам намера да го бранам Драган Ѓилас, ниту тој има потреба нешто мене да ми угодува или, пак, јас сега нему нешто да му се додворувам, бидејќи ние двајцата сме од две сосема различни политички опции. Сакам да го кажам само следново: јас, како Драгољуб Ацковиќ, сметам дека тие невладини, или владини организации, кои навистина треба да се грижат за нашите проблеми, треба да се огласат за суштинската работа. А, ова навистина е една од суштинските работи. Меѓутоа, кога ние Ромите ќе се обратиме,т огаш никој нас не не’ гледа и не не’ познава, забележува Ацковиќ.

Центарот за евроатлански студии е една од ретките невладини организации која се огласи со свое соопштение, во кое остро го критикува градоначалникот на Белград. Јелена Милиќ, директор на овој центар, обрнува внимание на самиот тон и содржината на пораката на градоначалникот Ѓилас.

„Самиот тон, ние тоа и јавно го рековме, е многу расистички, манирот е сосема непримерен и укажува на низа системски проблеми со кои се соочува Србија, но и на неверојатната ароганција на луѓето од врвот на државата. Она што му го порача на Белгиецот – еве ти Роми, плати им превоз, за Ѓилас можеби е сарказам, но за некој скинхед или неонацист во Белград тоа е зелено светло да гази се’ пред себе“, забележува Милиќ.

Го загрозуваме безвизниот режим

Дали дел од писмото на градоначалникот на Белград, во кое тој се повикува на некое истражување според кое мнозинството Роми со задоволство би се иселиле во Белгија, на некој начин е и порака до Ромите – можете слободно да се селите во Белгија, ако не ви се допаѓа во Белград?

„Се плашам дека ова пред се’ е предизборна порака, во смисла – многу сум јак, технократ сум, енергично ги решавам проблемите, а вие странци што се мешате во нашите проблеми. Тоа исто така покажува елементарно непознавање на механизмот на меѓународните односи во современиот свет, кон кој божем Србија тежнее. Секој дел од тоа писмо е неверојатно грозен. Тој дел во кој тој им сугерира на Ромите да заминат од тука, дека постојат други, побогати земји, навистина може во оваа ситуација, кога за тоа слушавме пораки од Белгија, и ќе повторам уште еднаш токму од Белгија, да ни го загрози визниот режим“, смета Јелена Милиќ.

Автор: Ивица Петровиќ /Александар Методијев

Редактор: Ж. Ацеска