1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Градовите стануваат претесни

Половината од светското население живее во градовите. Тоа ја прави урбанизацијата еден од најголемите предизвици на векот, а воедно е и тежишна тема на годишниот Светски форум за урбанизација, во Рио де Жанеиро.

default

Њујорк, еден од најразвиените градови во светот

Светскиот форум за урбанизација, кој почна овој понеделник (22.03.2010) во Рио де Жанеиро, е нов форум за истиот, стар проблем. Уште од времето на старите Римјани постојат докази дека животот во најголем дел се одвивал во градовите. Од почетокот на 19 век, со индустриската револуција, човештвото се` повеќе се стреми кон градовите, кои стануваа се` поголеми. Меѓутоа, дури на почетокот од новиот милениум, во 2002 година, беше основан форум, на кој се дискутира за последиците од прекумерната урбанизација на градовите. На петтиот Светски форум за урбанизација, кој оваа година првпат се одржува во Латинска Америка, се очекуваат повеќе од деветнаесет илјади учесници од повеќе од 170 земји. Форумот е собиралиште за претставници на невладини организации, влади, здруженија и претпријатија, кои дискутираат за новите идеи, склучуваат партнерства и иницираат нови акции. Првиот Форум по големата економска и финансиска криза од 2008 година носи и нови предизвици.

Straßenbahn historisches Manhattan New York

Со индустриската револуција бројот на жители во градовите драстично се зголеми

„Заклучивме дека финансиската криза донесе нови проблеми, кои делумно без сомнение се одразија на градовите“, вели Сесилија Мартинез од Мексико, раководителка на латиноамериканското претставништво на организацијата ХАБИТАТ на ОН. Ова особено важи за земјите од Латинска Америка, кои беа тешко погодени од кризата, вели Мартинез, посочувајќи го Мексико за пример, каде кризата од САД имаше навистина големо влијание.

Правото на град

Бројот на жители во големите градовите постојано расте, а тоа создава многу проблеми. Како прво, на луѓето им треба место за живеење. Таму мора да има вода, санитарни постројки и канализација, одредени минимални материјални услови и регулирани сопственички односи. Кога овие предуслови се исполнети, се преминува на другите компоненти, вели Мартинез.

„Најважна е куќата, потоа доаѓа заедницата, па градот и сите услуги што ги нуди, како транспорт, здравство, образование, управа. Сето тоа спаѓа во она што денеска се нарекува развој на градовите. И покрај критиките, што денес се` почесто се слушаат, се покажува дека урбанизирањето носи збогатување и развој“, потенцира Мартинез од ХАБИТАТ.

Темата на годишниот форум гласи „Правото на град - премостување на урбаната поделба“ и ги осветлува актуелните проблеми: големи социјални разлики и неисполнетите ветувања кон сиромашните слоеви од населението за поголемо вклучување во јавниот живот и рамноправност во градовите. „Прашањето е како одредени делови од населението, што се отсечени од развојот на еден град, повторно да бидат интегрирани во него“, објаснува Мартинез.

Сламовите не се намалуваат

Indien Dhravi Slum Mumbai

Дхарави, еден од најголемите сламови во Индија

Светскиот форум за урбанизација служи и како можност да се претстави извештајот на ОН, насловен „Урбанизација: состојбата на градовите во светот“, кој се објавува секои две години. Според извештајот, околу 50.6 проценти од светското население живее во градовите, или 3.49 милијарди лица. Тој почнува со убава вест, меѓу 2000 и 2010 година 227 милиони лица успеале да се ослободат од сиромаштијата. Бројката е поголема отколку онаа што ОН си ја поставија со милениумските цели.

Сепак, напредокот се однесува само на одредени делови од светот. Се` на се`, сиромашните квартови не се намалиле, сламовите во градовите продолжиле да растат. Денес повеќе од 820 милиони лица живеат во сиромашни квартови, педесет милиони повеќе отколку пред десет години. Најпогодени се деловите од Африка јужно од Сахара, по што следуваат Јужна и Источна Азија, како и Латинска Америка и Карибите.

Автор: Јулија Карнеиро / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска