1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Градење историја“ во Скопје

Преку гигантска градежна интервенција Скопје треба да добие градско јадро кое ќе остава впечаток на историско. Проектот реагира на отворените идентитетски прашања и на несаканата југословенска модерна, пишува НЦЦ.

default

„Во пет часот и 17 минути земјата почна да се тресе. Беше 26 јули 1963 година. Повеќето жители на Скопје беа в кревет, кога се срушија ѕидовите на куќите. Гредите се скршија, телефонските далноводи исто така. Хоророт траеше 20 секунди. Потоа владееше непријатна тишина. Лицето на Скопје, скромен град во социјалистичка Југославија, се смени засекогаш. Три четвртини од центарот беа уништени, 1000 луѓе мртви. Со овој лош пресвртен момент критичарите сега го споредуваат амбициозниот проект за градежни зафати во градот - ’Скопје 2014’, кој во наредните години треба да го смени главниот град на Македонија. Репрезентативни градби, мостови, споменици, па дури и триумфална капија од невпечатливата престолнина треба да создадат метропола. Но, со ред,“ - пишува „Ноје цирхер цајтунг“ и во опширниот текст детално ја опишува изградбата на Скопје: од беспримерната акција координирана од ОН, во која планерите и архитектите од истокот и западот, заедно со нивните југословенски колеги, го конципираа новото Скопје, преку подарокот од Пикасо, сликата „Глава на жена“ па се’ до налогот за јапонскиот архитект Кензо Танге да го исцрта главниот план за центарот на Скопје. Од него, пишува весникот се изградија некои работи, но многу останаа само скица. Маркантен од тој период е градскиот трговски центар, додека во студенскиот дом Гоце Делчев, комплекс згради со мрачна смелост, може да се насети архитектонската визија на Танге, пишува весникот, кој во овој контекст не го заборава ниту објектот на Македонската опера и балет. Проектот: архитектонска модерна во Македoнија остана недовршен, старите скопјани понекогаш се жалат дека Јапонецот му ја украл душата на градот, констатира „Ноје цирхер цајтунг“.

„Одговорот за скопската преполовена ’Југо модерна’ и многу други отворени прашања е проектот 2014“, пишува „НЦЦ“ и продолжува:

„Жестоките дискусии за проектот се пред се’ од политичка, а воопшто не од архитектонска природа. Дејан Јовановски, 36 годишен архитект, жали поради тоа. Би требало да дискутираме за последиците од изолацијата на албанскиот дел на Скопје, за недостатоците кај новите градби и воопшто за архитектурата, која сака да измисли антички традиции.’ За тоа воопшто не станува збор. Наместо тоа, албанските партии бараат на плоштадот да се подигнат и албански споменици. Од Атина, која впрочем и‘ го оспорува името на Македонија, оти се гледа како единствен наследник на Александар Велики, доаѓаат заканувачки тонови, но и веста, дека исто така и таму се планира статуа на Александар. Јовановски критикува, дека владата го извади проектот, како зајак од шеширот на маѓионичарот, без да организира дебати и да го почитува редоследот во промената на деталниот урбанистички план. Главниот архитект Божиновски ги смета забелешките за смешни. “ пишува „НЦЦ“ и наведува дека студентите по архитектура го форимраа движењето „Слободен полоштад“.

„Тие со тоа сакаат да го спасат главниот плоштад во земјата, кој отсекогаш бил место на јавни собири, од задушување со споменици, фонтани и цркви. Но, колку подолго работат машините на плоштадот, станува се’ потивко околу ова движење. ’Мобилизирањето на населението пропадна’, признаваат опонентите. Зачудувачки, оти на анкетите мнозинството скопјани се изјаснуваат против проектот. Многумина ја сметаат за претерана внимателно проценетата сума за изградбата од 300 милиони франци. Истовремено, ’ниту полицијаците не добиваат на време плата’ се лути една фризерка во својот салон во недовршениот ’Градски ѕид’ на Кензо Танге. Зборувајќи од искуство таа дополнува, ’најверојатно ќе им снема пари, кога работата ќе биде до половина готова.’ Но, засега не изгледа така. Божиновски е оптимист. До 2014 нема да може да се изгради се’, но во време на рецесија налозите од државата се важни. Уште поважно е вели главниот архитект, што Скопје за првпат во неговата 1000 годишна историја ќе добие центар, кој по туѓото владеење и социјализмот, ќе го одразува неискривениот идентитет на оваа нација. Меѓутоа признава, тирумфаланата капија сепак ќе биде изоставена. ’Такви сводови биле подигани, откако еден војсководец убил најмалку 20.000 непријатели.’“ пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска