1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Градежен бум и покрај должничката криза

Тешки времиња за штедачите: Поради должничката криза каматите се ниски и истовремено се заканува инфлација. Што да се стори за заштедите да не ја загубат вредноста? Многумина се одлучуваат да инвестираат во недвижности.

И покрај за овој период од годината ниските температури, Лаура Ламел секојдневно ги обиколува нејзините градилишта и основите за шесткатното паркиралиште. Се работи секојдневно и покрај студот и снегот. Таа сака да се придржува до временскиот план, оти муштериите чекаат. А, нив ги има се’ повеќе.

l

Лаура Ламел

Во Минхен, каде воглавно гради фирмата на Лаура Ламел, речиси и да нема место за нови градби. Затоа сопствениците ги надградуваат постоечките недвижнини, ги санираат поткровјата или вложуваат во долго запоставената подземна гаража. „Луѓето повторно се навраќаат на тоа дека земјиштето е вредно злато“, вели Лаура Ламел.

Голем број нарачки

Од таканареченото бегство во бетонско злато во моментов профитираат многу градежни фирми. Рајнер В. Маркграф, инаку вработен во високоградба, вели: „Се гради многу. Тоа е добро вкупно за конјунктурата и за градежништвото“. Но, за него побарувачката не е само позитивна. „Поради големата побарувачка се’ потешко е да се одржат роковите и бидејќи се’ почесто има и недостиг на материјал“, подвлекува Марктграф. Производителите на материјали едноставно не можат да ги стигнат побарувачките.

Претседателот на Баварското здружение на градежници Франц-Ксавиер Петерандерл гледа позитивно на високата побарувачка. Од една страна книгите со нарачки на градежните фирми се преполни, а од друга страна овој тренд би можел да го ублажи хроничниот недостиг на станбен простор во повеќето големи градови како Минхен.

Но, за работниците на градилиштата градежната ренесанса во Германија, освен сигурна работа, не донесува пораст на платите. „На пазарот имаме фабрики кои нудат особено ниски цени. Со оглед на тоа дека материјалите речиси насекаде се исти, очигледно дека се крати на платите“, вели Ламел.

Состојбата е таква и покрај тоа што недостасува стручна работна сила. Ламел веќе две години бара полирач - досега неуспешно. Занаетчиските професии имаат проблем со подмладокот. Младите луѓе едноставно имаат друга претстава за професионалниот живот. „Градилиштето е валкано, има многу прашина, многу одговорност, многу работи мораат да се одвиваат многу брзо, голема организација. Зошто да се изложуваат на ова, кога можат од дома или од канцеларија да работат на компјутер и таму е топло?“

Наспроти ова, градежништвото е вистински предизвик. Лаура Ламел во оваа професија е од 2001 година. Бетонски фундаменти и подземни гаражи се нејзина специјалност. Оваа 39 годишна жена претпријатието го презема од татко и’ и ја доживеа големата градежна криза на крајот на 90-тите. Тогаш претпријатието броеше 120 работници, а кратко потоа останаа само уште осумина. Денес бројот на работниците се искачи на 16. Таа притоа се грижи за коректна исплата за нејзините вработени и се залага како член на управниот одбор на Здружението на баварското стопанство и други претпријатија да исплќаат фер плати. Со тоа ја продолжува традицијата на нејзиниот дедо, кој ја основал фирмата.