1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Го знаевме голманот, но не и човекот Енке

По самоубиството на голманот на германската фудбалска репрезентација Роберт Енке, неговите соработници бараат преиспитување на ставовите во профи-фудбалот. Смртта на Енке кој од 2003 страдал од депресија, предизвика шок.

default

Илјадници граѓани со свеќи во рацете беа дел од поворката во Хановер по смртта на Роберт Енке

Секоја вест за самоубиство е шокантна, и тоа секогаш. Автоматски потоа се појавува прашањето: навистина ли не можеше да се спречи смртта на овој човек? Ни‘ испрати ли сигнали за неговата очајност кои ги превидовме? Одеднаш стоиме пред урнатините на еден живот и си го поставуваме прашањето зошто завршил така.

Роберт Енке не беше од оние професионални фудбалери, кои трчаат по микрофон за на целиот свет да му покажат колку се важни. Тој исто така не се однесуваше ни како ексцентрик меѓу стативите, што го прават многу други голмани. Енке постојано оставаше впечаток на воздржан и учтив, тивок човек. Не ретко таквиот негов карактер се сметаше за недостаток. Многумина велеа дека тој би требало офанзивно и гласно да ја застапува неговата аспирација да биде број еден на германскиот гол. Но, Енке не беше таков.

За губитниците има само уморна насмевка

Во големиот циркус наречен фудбал луѓето како него лесно запаѓаат во втор план. Тука се важни и се бројат головите, поените, освоените првенства. За губитниците најчесто останува само уморна насмевка. Меѓутоа, кој заработува милиони евра годишно, тој нема за што да се лути - такво е општо распространетото мислење.

На Роберт Енке не му одеше се’ мазно во животот, како во спортот, така и во приватниот живот. Кај некои од странските клубови за коишто играше, на пример за големата Барцелона, тој речиси сето време го мина на клупата за резервни играчи. И сега, кога се чинеше дека конечно фати чекор и за него се говореше дека е најдобриот голман на Германија, го сопна болеста.

Што беше почеток на трагедијата?

Но, сите тие подеми и падови во спортската кариера изгледаат речиси банално во споредба со ударот што судбината му го зададе на приватен план во 2006 година: смртта на двегодишната ќерка. Никогаш нема да дознаеме дали тоа беше почеток на трагедијата што заврши со неговото самоубиство. Голманот Енке го анализиравме до најмалиот детал. Човекот Роберт Енке меѓутоа речиси и не го познававме. Сега ни‘ недостасува.

Автор на коментарот: Штефан Нестлер

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM