1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Готов е појасот за спасување на Грција?

Помошта на земјите од еврозоната за Грција за излез од нејзините државни долгови би можела да изнесува меѓу 20 и 25 милијарди евра, според непотврден извештај на германскиот магазин „Шпигел“.

default

Магазинот се повикува на „првите размислувања“ на германското министерство за финансии.

Според „Шпигел“, во помошта кон Грција би учествувале сите земји-членки на еврогрупата. Финансискиот удел на секоја одделно би се рачунал според квотата според која секоја земја учествува во капиталот на Европската централна банка. На Германија, според овие проценки, би отпаднале речиси 20 проценти, што значи сума од четири до пет милијарди евра. Во германското министерство за финансии во Берлин денеска нема реакција на извештајот во магазинот „Шпигел“.

„Останува на тоа, Грција до средината на март да предложи како планира да изврши консолидација на долгот, потоа ќе се носат натамошни одлуки“, изјави портпарол на министерството за финансии.

Шефовите на држави и влади од еврозоната минатата недела и‘ ветија поддршка на Грција, но не наведоа конкретна помош. Со дефицитот од 12,7 проценти Грција ја загрозува заедничката европска валута.

Помош со строга намена

Помошта, според магазинот „Шпигел“, би се состоела делумно од кредити, делумно од гаранции. Германскиот дел би одел преку државната банка за обнова, КаефВе. Соработниците на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле сакаат исплатата на средствата да ја поврзат со конкретни намени. Одредена кредитна транша ќе биде исплаќана дури тогаш кога ќе бидат исполнети условите, а кои се тие конкретно, „Шпигел“ не наведува.

Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Griechenland Flash-Galerie

Темни облаци над Акропол, Грција „плива“ во долгови

Стручњаците од германското министерство за финансии сметаат дека на среден рок ќе бидат потребни натамошни мерки за спречување на падови на евро-земјите. Се споменува подобро усогласување на економската политика на членките на еврогрупата. Освен тоа, неопходно е во еврозоната да се утврди нормирана постапка за државна инсолвентност. Во рамките на идните мерки за спас треба да биде формирана и посебна европска институција според примерот на Меѓународниот монетарен фонд.

Папандреу: виновна е и ЕУ

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу во „Шпигел“ ја обвини ЕУ за соодговорност што Грција со години можела преку фалсификувани податоци и бројки да ја разубавува состојбата на државниот дефицит. ЕУ порано морала да води построги контроли дали Грција се придржува на Пактот за стабилност на еврото и пропишаниот дефицит. „ЕУ мора да признае дека потфрлувањето на нејзините институции е одговорно за вакво нешто да може да се случи“, тврди Папандреу.

Автор: ЖА/АТ/дпа/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска