1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Госпоѓа Меркел

Коментар на Феликс Штајнер

Ангела Меркел е кандидатка за канцелар на партиите на Унијата ЦДУ и ЦСУ. За првпат една жена би можела да се најде на највиоската политичка функција во Германија, жена, која освен тоа потекнува од Источна Германија и растеше во ГДР. Врз таа основа се врзуваат прашања и шпекулации колку тоа би можело да влијае врз нејзината политика.

На германската телевизиска публика вчера и се презентираше една насмеана и самоуверена Ангела Меркел. Тоа по малку потсетуваше на 19 април кога исто така еден речиси насмеан Јозеф Рацингер се појави на балконот на катедралата Свети Петар во Рим како новозибран Папа Бенедикт 16. И тој, на таков начин, им противречеше на сите дотогашни клишеа за него. Тогаш и сега се поставува прашањето: за што се залагаат луѓето на нивните нови функции? Префрлено врз Ангела Меркел: што значи што првпат една жена и граѓанка на пропаднатата ГДР влегува во трката за највисоката владина функција во повторно обединета Германија?

Повторно се наметнуваат аналогии меѓу Јозеф Рацингер и Ангела Меркел: ниту Рацингер не беше избран зашто е, туку иако е Германец. И Ангела Меркел не беше номинирана како кандидатка за канцелар зашто е жена и потекнува од Источна Германија. Таа не е резултат на какво и да е наддавање, туку е личност што се проби во внатрешно-политичкиот натпревар и за својата партија претставува најнадежна алетрнатива на патот назад кон освојувањето на власта. Оттаму, номинацијата на Ангела Меркел, иако нејзиниот род и потеклото се премиера во германската историја, се израз на нормалноста во Германија во годината 2005.

Сепак прашањето е легитимно и оправдано колку тие двете: полот и потеколото, ќе влијаат врз политиката на Ангела Меркел. Посебно тогаш ако таа води до победа на претстојните избори за Бундестагот. На ова прашање не може дефинитвно да се одговори.

Ангела Меркел сигурно ќе ги разочара оние што од неа очекуваат женска политика во класична смисла. Таа нема да биде онаа што ќе се бори за повеќе жени на водечки позиции или ќе се ангажира за подобра поврзаност на семејството и работата. Со таква политика Меркел до денес не е позната, зошто би го правела тоа во иднина, па дури и ако нејзините шанси за избор се намалат? Не, Ангела Меркел во најдобар случај се гледа како сигнал, како пример: пример за тоа дека и жени можат да се пробијат до врвот без да служат како кандидати за број ако машкиот победник одамна се знае. Затоа, единственото изненадување е помалку во номинацијата на кандидатката за канцелар, туку во фактот што партиите на Унијата први во Германија го повлекоа тој чекор. А, и тоа ги превртува постојните клишеа.

Ангела Меркел нема да се профилира ниту како специјален претставник на источногерманските интереси, ниту ќе се ангажира за специјални програми за поддршка на новите сојузни покраини. А, сепак во нејзиното потекло од бившата ГДР би можел да лежи клучот во нејзината идна политика. Бидејќи се вбројува меѓу оние Германци од кои се бараа многу жртви за општествениот пресврт.

Вербата во моќта на слободата и силата на индивидуата кои се посилни од семоќта на државната грижа – тоа е политичката основа на сега номинираната кандидатка за канцелар. Тоа, до колку наесен бида избрана за канцелар, може да и овозможи да постави таков рефромски курс што би изненадил и некои во нејзината партија, како и меѓу нејзините избирачи.

Феликс Штајнер