1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Горчлив крај на „Шеќерната приказна“ на Јаневски

Ова не е е лустрација, туку комбинација од нарачана компромитација и идеолошка некроскопија, велат академици по одлуката за лустрација на писателот Славко Јаневски.

Каква е целта на лустрацијата, ако таа најмалку се занимава со проверка на минатото на сегашни кандидати за јавни функции, а најмногу со бивши носители на јавни овластувања кои не претендираат за никакви функции, а и одамна не се меѓу живите. Ова прашање го наметна лустрацијата на еден од втемелувачите на современата македонска култура, книжевниот и творечки бренд, Славко Јаневски. Јавноста прашува - дали ова беше целта и духот на законот? Зошто се лустрираат мртви лица, кои не можат да се изјаснат и правно да ги оспорат „наодите“ на лустраторите?

Тоа го налага законот, категоричен е претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев. Се повикува на членот 26 кој пропишува лустрација и на поранешни функционери, а единствената „олеснителна околност“ за нив е предвидена во членот 33, според кој, „податоците за лицата нема да бидат објавени во случаи кога лицето е починато“.

Од читална во чистилиште

Случајно или не, Славко Јаневски стана „предмет“ на Комисијата токму во период кога скопската општина Центар ги привршува подготовките за отворање на читална што ќе го носи неговото име. Како македонскиот книжевен бард по 13 години од неговата смрт одеднаш се најде на „дневен ред“ на Комисијата?

„Јаневски не беше на дневен ред. Но, кога разгледувавме други досиеја, на многу места се појавуваше неговото име, а во таков случај сме законски обврзани да постапуваме. Добро е што тие документи не се објавуваат, бидејќи ќе се крене уште поголема врева кога ќе се види кои имиња од македонскиот книжевен врв биле кодошени. Системот мора да се прочисти од оние кои соработувале со органите на државна безбедност. Ги слушнавме реакциите во јавноста, ја преиспитавме нашата одлука и утврдивме дека таа е законска. Ние гледаме исклучиво документи и постапуваме по нив, без оглед дали станува збор за Славко Јаневски, за анонимен граѓанин или за претседател на државата. Пред законот сите се еднакви“, вели Аџиев.

Чедомир Дамјановски, единствениот член на Комисијата кој гласаше против лустрацијата на Јаневски, потсетува дека одлуката е противуставна.

„Одредбата за лустрирање на поранешни функционери, беше оспорена од Уставниот суд. И покрај тоа, таква одредба остана и во новата, трета верзија на законот кој со нов наслов стапи во сила во јули 2012 година. Не може законот да биде над Уставот и над одлуките на Уставниот суд. И Советот на Европа во последниот извештај сугерира дека треба се почитуваат одлуките на Уставниот суд и мислењата на Венециската комисија“, вели Дамјановски.    

Критикуваше во присуство на Тито

Ова што се случува не е е лустрација, туку комбинација од нарачана компромитација и идеолошка некроскопија, велат академици и со индигнација ја отфрлаат одлуката на Комисијата. Академик Томе Серафимовски, кого со Јаневски го врзува триденециско пријателство, е згрозен од одлуката.

„Каков кодош, какви глупости. Тоа е неспоиво со неговиот творечки дух. Тој беше гениј во секоја областа на творештвото. Беше и поет, и романсиер, и сценарист, и сликар, и гитарист и човек кој прекрасно пее фрагменти од опери. Се‘ што сакаше да каже, кажуваше јавно, а не да пишува некакви белешки. На седница на ЦК во Скопје, во присуство на Тито, јавно даваше остри критики за тогашните состојбите во земјата. Живи се сведоците на тие настани. Но, ете за жал, дочекавме големиот Блаже Конески да биде наречен 'џуџето од Небрегово', а сега да го лустрираат и горостасот од Скопје, творечкиот гениј, Јаневски“, со жалење констатира Серафимовски. 

Тој не е единствен кој го дели ставот дека со вакви одлуки Македонците и‘ стануваат најголеми непријатели на Македонија и на оние што со своите дела се вградиле во нејзината култура, историја и идентитет. Јанакие Витановски, член на Комисијата за верификација на фактите кој даде оставка на функцијата поради несогласување со нејзината работа, во јавно обраќање изјави дека лустраторите ги поминале сите црвени линии.

Illustration, Behörde für die Aufarbeitung der kommunistischen Vergangenheit in Mazedonien

„Лустриравте министер, а не ги лустриравте другите наредбодавачи кои се во истите досиеја. Лустриравте лице со друг матичен број, лустриравте починати. Го лустриравте и писателот, академикот, човекот кој го напиша првиот роман на македонски јазик. Јас сум учел и сум ги читал неговите дела. Не знам дали вие сте учеле за него. Не можам да сфатам со каква леснотија се пресметувате со мртви луѓе. Во Регистарот имате заведено 68 лустрирани лица, 90 отсто се бивши, 5 отсто се кандидати и 5 отсто функционери. Од последните 10 лица, 5 се починати. Со лустрацијата на починати го достигнавте врвот на апсурдот“, реагира Витановски.

Каде се делата на Јаневски?

Но, тоа не е единствениот апсурд. Во тоа се уверила Роза Топузовска-Каровска, од кабинетот на градоначалникот на Центар, кога за потребите на новата читална ги побарала делата на Славко Јаневски.

„За жал, освен „Шеќерна приказна“, во издавачките куќи не можеа да се најдат други дела од Јаневски. Се обратив до МАНУ, но и таму не располагаат со неговите дела, освен едно-две изданија и труд на академик Старделов посветен на творештвото на Јаневски,“, вели Топузовска-Каровска.

Овој недостиг се случува во време кога од буџетот се одвојуваат големи финансиски средства за превод и печатење на странска научна литература, а домашните автори објавување на своите дела најчесто се упатени да ги реализираат преку спонзорства од приватни компании. Но, има моменти кога печатењето и не е најважно. Писателот Ристо Лазаров, по одлуката на Комисијата за лустрација му напиша песна на Јаневски и ја прочита на неговиот гроб. Песната под наслов „Портокалов мрак“ деновиве е најчитаната содржина на социјалните мрежи.

„Гледам,

сношти биле тука

некои неканети

со црни ризи и лажни фенери

(од кори од скапани лубеници)

со суви глуждови и со празни черепи

- да ти ги гребат мртвите коски

да ти ја растревожат постелата

да ти ја оцрнат покривката.

Не знаат црнодушите

какви и колкави убоди од комарци

си истрпел на живо

и пак не ти молкнале

и извиците и лелекањата

оти никој поарно од тебе

во животецот не ја знаеше

убавината на болот“.