1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Горчлива победа на Обама

Практично во последна минута по долгите натегања околу лимитот за задолжување, во САД е избегнат државен банкрот. Претседателот Барак Обама го стави потписот на компромисниот закон кој претходно беше усвоен и во Сенатот.

default

Барак Обама

Никој не се сомневаше дека предлог- законот ќе мине во Сенатот. И навистина, од 100 сенатори кои ги претставуваат 50-те американски сојузни држави во Вашингтон, 74 гласаа „за“. Овие но и 26-те гласови „против“ дојдоа од двата табора, републиканскиот и демократскиот, исто како и еден ден претходно во Претставничкиот дом на Конгресот.

Хери Рид, лидерот на демократите кои имаат мнозинство во Сенатот, на крајот звучеше заморено и помалку резигнирано, откако пред гласањето уште еднаш мораше да ги чуе критиките на либерално-прогресивното крило во неговата партија:

„Американскиот народ не е одушевен од тоа дека во овој закон не се предвидени нови државни приходи. Големото мнозинство демократи, независни и републиканци сметаат дека нашиот штотуку постигнат договор едноставно не е фер. Товарот ќе биде префрлен на средната класа и на сиромашните“.

USA / Kongresswahl / Kapitol

Американскиот Конгрес

Со што ќе придонесат богатите?

Милијардерите и милионерите во земјата исто како и богатите концерни нема со ништо да придонесат кон мерките за намалување на долговите и државниот дефицит, изјави Рид.

Тој меѓутоа добро знае дека токму претседателот Обама во преговорите со републиканците во полза на компромисот мораше да се откаже од неговите постојано повторувањи барања за умерено зголемување на даноците и за затворање на апсурдните дупки во даночниот систем.

Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, во таа насока нагласено ги фалеше колегите од радикалното крило „Ти парти“ дека бескомпромисно се бореле за намалување на долговите и против какви било зголемувања на даноците:

„Тоа не е мала работа ако се сетиме дека претседателот Обама дури до минатата недела опстојуваше на ставот дека треба да има зголемување на даноците како дел од договорот. Сега претседателот меѓутоа се согласи на условот лимитот на задолжување да се покачи само преку билиони долари во заштеди“.

USA Schuldenkrise

Обама: Катастрофата е избегната

И Барак Обама се пријави кусо за збор по гласањето во Сенатот: „ Катастрофата е избегната. Овој закон е важен прв чекор со кој ние како нација повторно ќе живееме во рамките н нашите можности“, рече претседателот на САД додавајќи:

„Тој меѓутоа ни овозможува и натаму да инвестираме во клучните области како образованието и истражувањето, кои треба да создадат нови работни места. Покрај тоа законот обезбедува можност да не мораме итно да вршиме кратења, кога економијата е се’ уште кршлива“.

Обама потоа упати на новата комисија која до крајот на ноември на Конгресот мора да му предложи натамошни мерки со кои во наредната декада треба да се заштедат 1,5 билиони долари.

Автор: Зилке Хаселман (Вашинготон)/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM