1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Горко разочарување за украинската опозиција

Опозицијата денеска го продолжува притисокот врз владата преку протести, откако првата кризна средба на политичките противници во Украина не донесе никакво приближување. САД и НАТО ги оправдуваат протестите.

Витали Кличко, еден од водачите на опозицијата, за овој викенд очекува „марш на милиони луѓе“ против претседателот Виктор Јанукович.

„Целиот свет ќе се увери дека Украинците веќе не ја сакаат оваа влада. Јанукович уште не разбира дека неговото време помина“, изјавува светскиот боксерски првак за германскиот весник „Билд“. Кличко вчерашната кризна средба ја оцени како чиста проформа манифестација.

Разговори без плод

Украинските власти и опозицијата првпат по три седмици од почетокот на масовните протести поради непотпишувањето на Спогодбата за асоцијација со Европската унија ги искажаа своите позиции на тркалезна маса и притоа претседателот Виктор Јанукович нагласи уште еднаш дека земјата ќе продолжи со приближувањето на ЕУ, а исто така на опозициските челници им ветил амнестија за притворените како и за веќе осудените демонстранти.

Сепак, преговорите и барањето на излез од кризата всушност сѐ уште не започнале. Претставниците на опозицијата остануваат на условот за предвремени претседателски и парламентарни избори или барем оставка на актуелната влада предводена од премиерот Микола Азаров од владејачката Партија на регионите, од која доаѓа и претседателот Виктор Јанукович.

Претходно во четвртокот пратениците во Европскиот парламент ја повикаа Европската унија да посредува на највисоко политичко ниво меѓу украинската влада и опозицијата за да се надмине кризата во земјата, откако кон крајот на ноември владата се реши да ги суспендира подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација со Европската унија. Тоа го оправда со тешката економска состојба во земјата, а опозицијата го смета за свртување кон Русија, поради што три седмици организира масовни протести во Киев.

Украинскиот претседател Јанукович на средбата со претставниците на опозицијата вчера изјави дека се можни оставки на одредени владини функционери кои се вклучени во подготовката на проектот за придружување и слободна трговија со Европската унија. „Украина наскоро ќе ја потпише спогодбата за придружување и слободна трговија со Европската унија“, изјави во четвртокот вечерта во Брисел првиот потпретседател на украинската влада Сергеј Арбузов на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување и соседски политики, Штефан Филе. Меѓутоа, Арбузов не сакаше да го открие датумот или крајниот рок до кој Украина би ја потпишала спогодбата со Европската унија, додека неименувани дипломатски извори во Брисел за агенциите изјавија дека се очекува тоа да биде првата половина на 2014 година.

Вчера се огласи и министерството за внатрешни работи на Украина коешто соопшти дека некои од неговите службеници ги прекршиле законските прописи и инструкциите за време на масовните протести на поддржувачите на европската интеграција на земјата во Киев.

„Прелиминарно е утврдено дека употребата на физичка сила и специјалните средства во однос на индивидуалните граѓани од страна на полициските службеници е извршено врз основа на процената на ситуацијата. Постојат докази за прекршување на законот и нормативите акти на ресорот“, се наведува во соопштението на украинското МВР, што го цитира РИА Новости. Истовремено министерството нагласува дека некои дејствија на припадниците на интервентните сили биле предизвикани од спротиставувањата на одделни учесници во протестите, кои со свои постапки претставувале опасност по животот на полицајците, употребувајќи „предмети опасни по животот и здравјето“ како и непозната супстанција. Се додава и дека конечната оцена ќе биде дадена по завршување на истрагата којашто ја води главниот обвинител на Украина.

САД испраќаат посредувачи

НАТО го повика Јанукович конфликтот да се реши на мирен начин. Генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен изјави дека мора да бидат запазени елементарните права како изразувањето мислење и правото на слободно собирање, и дека е нужен конструктивен дијалог. И САД повторно се солидарзизираа со владините критичари во Украина, заканувајќи се и со санкции. По посетата на американската заменик-државен секретар задолжена за Европа, Викторија Нуланд пред неколку дена, кога се вмеша меѓу демонстрантите во Киев, овој викенд во главниот украински град се очекува да стигнат американските сенатори Џон МекКеин и Крис Марфи. Тие планираат средби со претставници на опозицијата, владата и на цивилното општество.