1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Горештината олади дел од стопанството

Тековново лето во Германија конкурира за најтопло воопшто откако се мери температурата. Како се одразија невообичаените горештини врз стопанството?

default

Жетвата ќе биде послаба, се жалат германските земјоделци

Најмногу поплаки има од германските земјоделци - од горештините ќе страда жетвата. Лани селаните ожнеаја речиси 50 милиони тони житарици; годинава ќе бидат околу десет проценти помалку, проценуваат Здружението на селаните, како и Комисијата на ЕУ. Земјоделците нема да почувствуваат последици, оти истовремено растат цените, но ќе ги почувствуваат потрошувачите кога до крајот на годинава ќе поскапат лебот и белите печива, како што е навестено од таа бранша.

Сепак има влијание

Секое второ претпријатие на некој начин го почувствувало влијанието на жешкиот бран, известува консултантската фирма „Прајс Вотерхаус Куперс“, која анкетира 229 претпријатија за тоа - како се однесуваат со парализирачката горештина.

Deutschland Hitzewelle Sommer 2010

Исушена земја на брегот на Рајна во Диселдорф

„Претпријатијата реагираат на различен начин, но падот на прометот е многу умерен и погоди само девет проценти од големите и шест проценти од средните и мали приватни претпријатија“, вели Томас Ул, експерт за семејни претпријатија и среден сталеж кај „Прајс Вотерхаус Куперс“.

Секое петто претпријатие наведува дека високите температури влијаеле врз текот на работниот процес - од опаѓање на продуктивноста на соработниците, до подолг застој во работата на машините, кои поради топлината почесто се расипувале. Кај 16 проценти од големите претпријатија и кај седум проценти од фирмите на средниот сталеж се регистрирани зачестени боледувања. Други од вработените, пак, спонтано земале годишен одмор. „Летните месеци, секако, се примарно годишноодморско време, но од горештините има дополнително влијание врз квотата на користење годишен одмор, особено врз спонтаното.“

Ладни напитоци за работниците

Шефовите во фирмите настојувале да им ја направат жештината колку што е можно поподнослива на своите соработници. Повеќе од секој втор шеф купувал вентилатори за вработените, а кај две третини работата на вработените им била олеснувана со делење напивки за гаснење на жедта.

Rekordumsatz Eis Deutschland

Од горештината профитираше индустријата на сладолед

„Олабавување на прописите за облекување или флексибилизација на работното време, во секој случај, не доаѓа предвид кај половината од претпријатијата“, напоменува Томас Ул. Кај само пет проценти од претпријатијата во вакви услови доаѓа предвид работниците да смеат дома да ја извршуваат работната обврска.

На горештините им се радуваа производителите на пијалоци и на клима-апарати, како и текстилците. Побарувачката на сладолед кај некои производители порасна и до 25 проценти над дотогашниот рекорд од летото 2003, кај други само во еден ден е продаден сладолед колку во целиот лански ноември. На браншата тоа и’ беше добредојдено, оти во првите пет месеци од годинава продажбата на сладолед беше далеку под просекот.

Автор: Ролф Венкел / Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски