1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Гордоста на македонската одбојка едвај преживува

Ветераните на клубот Вардар разговараа за егзистенцијалните проблеми на некогашната перјаница на македонската одбојка. Соочен со финансиски потешкотии клубот подолг период е во состојба на голо преживување.

default

Зоран Докузовски, некогаш долгогодишен играч, сега долгогодишен чувар на клупскиот оган да не згасне, вака ја опишува сосотојбата: „Во моментов од финансиски аспект состојбата е многу лоша. Должиме на салите, должиме за стипендии на играчите, не се платени сместувањата на играчите во студентските домови... Но, се надевам дека ова нема да трае вечно, бидејќи во спротивно ќе треба да го затвориме клубот.“

Trifun Trifunovski

Трифун Трифуновски

Трифун Трифуновски е едно од првите играчки имиња на Вардар од 60-те години. Не може, а да не се потсети на времињата минати на клупска организираност и на резултатите: „Тоа се најубавите времиња на Вардар. Тешко е да се објасни, но сето тоа е неспоредливо со ова што е денес. Тогаш имавме извонредна управа на клубот, која пред себе имаше програма, која ја реализираше во целост. Имавме тренери, кои ја знаеја својата работа, а целта и на управата и на тренерите и на играчите беше освојување титули и натпреварување во Европа.“

Какви беа резултатите на Вардар ?

Шампион на поранешна Југославија, победник на југословенскиот Куп. Прва македонска екипа учесник на завршниот турнир во Купот на европските шампиони. Половина од играчите со репрезентативен стаж.

Ljupco Makelarski

Љупчо Макеларски

Љупчо Макеларски истакнато играчко име на Вардар, ги држеше в рака клупските конци во 80-те и 90-те години како претседател и спонзор на клубот. „Многу е жална состојбата во Вардар и во моментов не гледам излез, кој во блиска иднина би влијаел на враќање на Вардар на патеките на кои бил некогаш. По распаѓањето на Југославија, Вардар започна да тоне, беше на ниски гранки. Јас како стопанственик се прифатив во период од четири години целосно да го финансирам клубот. Вардар достигна подем, се врати на здрави нозе. Донесовме играчи, кои ветуваа резултатски успех, дури и за меѓународни рамки. Но, тоа не се случи. Ја загубивме веќе освоената титула административно, на зелена маса од страна на ОФМ, што беше директна причина јас да не го продолжам спонзорството повеќе од ветените четири години!“

Надежта не умира

Zoran Dokuzovski

Зоран Докузовски

Желби, малку оптимизам и најмногу надеж е заедничкото кај нашите соговорници, дека Вардар ќе почне да се крева. Поранешниот натпреварувач Докузовски истакнува: „Се обидуваме да најдеме излез од оваа ситуација. Се надевам дека со помош на истакнатите наши имиња како што се Богоевски, Тасевски и другите ќе успееме барем делумно да го вратиме некогашниот сјај.“

Љупчо Макеларски пак подвлекува: „Како поранешен спортист и спортски работник морам да бидам оптимист дека Вардар ќе биде она што некогаш бил. Но, во сегашнава ситуација, од економски аспект, треба да се најдат луѓе кои ќе финансираат во спортот. Не би било хумано во овој момент да очекуваме од државата тоа да го прави, бидејќи во моментов таа има многу поважни приоритети од спортот, што во потполност го оправдувам.“

Тоа е актуелната приказна на одбојкарскиот Вардар македонски спортски бренд во борба за гола егзистенција.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска