1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Голем успех на годинашава туристичка берза

Од последниот извештај на Обединетите нации за климата, нејзината заштита е тема на сите. Не минува ниту ден, а да не се појават нови предлози за спас на планетата Земја. Во таквата богата дебата за климата, се случи и одржувањето на Меѓународната туристичка берза во Берлин, најголемиот саем од таков вид во светот.

Саемот за туризам во Берлин

Саемот за туризам во Берлин

Со вкупно 177 илјади посетители, саемот постигна нов рекорд. По стоте илјади стручни посетители, за време на викендот саемот го посетија околу 70 илјади мераклии за патувања. Астрид Еринг од меѓународната туристичка берза:

„За 2007 можеме да извлечеме одличен биланс. Можеме да соопштиме нови рекорди, не само кај излагачите. Вкупно годинава ги имаше 11 илјади од 184 земји. Голема тема беше земјата-партнер Индија која вистина е многу атрактивна„.

Меѓутоа, најпопуларни цели и натаму се познатите класици:

„Земјите од Средоземјето се секогаш на врвот. Шпанија и Италија и натаму се на прво место, а секако и Германија„.

Меѓутоа, и далечните дестинации во Азија, Африка и Америка. Се бараат и покрај актуелната дебата за заштитата на климата. Една посетителка вели:

„Го најдовме она што го баравме. Се интересиравме за Намибија и можевме добро да се информираме во разговорите со различни излагачи„.

Друга посетителка со оценка:

„Ја баравме Америка, но беше сместена некаде во подрумот. Меѓутоа, Германија беше прекрасна„.

Еден посетител со забелешки:

„Сакав повеќе да дознам за Јужна Америка и бев малку разочаран, зашто понудата е концентрирана кон Централна и Северна Америка. Вкупно меѓутоа, многу интересно„.

Астрид Еринг од ИТБ го подвлекува значењето што за турзимот ја има дебатата за заштита на климата и објаснува:

„Саемот во Берлин е вистинска платформа за туристичката бранша и токму тука се случува она што го сакаме: нашироко се дебатираше и стручњаците имаа можност да се информираат во кои насоки ќе оди браншата во наредните години. Значи, мора да се види како ќе се развива иднината, што ќе нудат излагачите, а што ќе бараат клиентите. Денес се уште не можеме да кажеме„.