1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Голем раст на германските инвестиции во азиските земји

Германското стопанство со години се’ погусто се испреплетува во светската економија. Трендот продолжува и годинава, покажаа плановите на германските претпријатија за инвестиции во странство, со едно изненадување.

default

Годинава, за прв пат воопшто, повеќе пари од Германија ќе бидат инвестирани во кина, отколку во европското соседство. Веќе во претходните години растеа германските инвестиции во азиските земји во забрзан подем.Тоа е една од причините за релативно брзото опоравување на германското стопанство од глобалната економска криза, смета Фокер Трајер од Германската индустриска и трговска комора.

„Индустриските држави уште беа во длабока криза, а земјите во подем делумно воопшто ни не беа зафатени од кризата. Нив ги одминаа и вториот и третиот бран од кризата, оти немаа високи државни долгови. Голема предност за германското стопанство беше што ние бевме присутни на тие пазари, кои бележеа пораст, и со тоа ја компензиравме слабоста на индустриските земји“.

Symbolbild China Geschäftsman Business Investitionen Deutschland

18 милијарди евра инвестиции во Кина

Во вкупната сума на германските инвестиции во странство Азија имаше мал удел. Најголемиот дел од германскиот капитал беше вложен во старите и новите земји на ЕУ, на второ место беше американскиот континент. Од вкупно 850 милијарди евра, што германските претпријатија во последните две децении ги инвестираа во странство, во Кина отидоа 18 милијарди. Годинава надворешно-трговската комора очекува во странство да бидат вложени рекордни повеќе од 100 милијарди евра, што сведочи за нагол пораст.

„Многу е интересно дека германските фирми се’ помалку одат во странство за да штедат кај трошоците, туку инвестираат за таму да градат или прошируваат производствени капацитети, за да ги освојуваат тамошните пазари“, истакнува Трајер.

China Wirtschaft Deutschland Investitionen Technik Siemens Leipzig

Кинезите заинтересирани за германската машиноградба

Кинезите се’ повеќе инвестираат во Германија

Но, меѓународното испреплетување на германското стопанство се одвива и во обратна насока: се’ повеќе директни странски инвестиции доаѓаат во Германија. За прв пат кинеските претпријатија најмногу пари вложија во Германија - досега за нив САД беа на прво место. Лани во Германија беа реализирани 130 проекти со кинеско учество. Кинезите ја претпочитаат машиноградбата, вели Михаел Пфајфер, раководител на германската агенција за стопанисување во странство „Џермани трејд енд инвест“.

„Кина е голем увозник на германски машини и постројки и развива тренд за снабдување со ноу-хау за да ја подобри сопствената машиноградба. Тоа го прави со вложување во избрани германски претпријатија од машиноградбата“.

Освен во машиноградбата и електрониката, странски претпријатија инвестираат во Германија и во областа на боновливи енергии.

Автор: Матијас Белингер/ Зоран Јордановски

Редактор:Симе Недевски