1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Голем допинг скандал во атлетиката

Ѕвездите-спринтери Тајсон Геј, Асафа Пауел, Неста Картер и Шерон Симпсон биле позитивни на тестовите. Се заканува еден од најголемите допинг скандали во историјата на спортот.

Темата допинг повторно ја тресе атлетиката. А-пробите на четири супер ѕвезди-спринтери се позитивни на забранети супстанци. Овие веројатни допинг случаи на тројцата најбрзи мажи на годината на 100 метри Тајсон Геј од САД (на насловната фотографија), Асафа Пауел и Неста Картер како и Шерон Симпсон, сите од Јамајка навестуваат голем скандал на речиси еден месец до Светското атлетско првенство во Москва. На квартетот му се заканува двогодишна забрана, што за Геј и Пауел би значело крај на кариерата.

Најпрво Геј, трократен светски првак од 2007. година го призна неговиот позитивен тест и најави дека нема да учествува на Атлетското светско првенство од 10. до 18. август. Тоа значи дека со нетрпение очекуваниот мегадуел со Јамајканецот светски рекордер Јусеин Болд нема да се одржи, исто како и на Светското првенство во 2011., но тогаш Геј беше повреден.

Во телефонска конференција 30 годишникот, кој со 9,69 секунди на 100 метри зад Болд (9,58) е вториот најбрз спринтер во историјата, во петокот (12.07.2013) бил информиран од Антидопинг агенцијата на САД (USADA) дека неговата А- пробата на тестот направен на тренинг на 16. мај била позитивна. На која супстанца Геј бил позитивно тестиран, тој не наведе, но најави дека побарал отворање на Б-пробата. „Немам укажувања за тоа дека нешто било саботирано. Верувам некому и тој ме остави на цедило“, рече Геј.

Тројца Јамајканци

Asafa Powell

Асафа Пауел

Неколку часови по Геј, се огласи Пауел со призинание дека во јуни на Државното првенство кај него бил констатиран стимулансот Оксилофрин. „Сакам сосема јасно да кажам: Никогаш свесно не сум земал некакви забранети средства. Не сум измамник и никогаш не сум бил“, напиша Пауел, кој сезоната ја почна со полоши резултати, а потоа трчаше зачудувачки подобро.

Според британските медиуми забранети супстанци биле констатирани и кај двократниот олимиспки победник во штафета Картер и поранешниот вицепрвак на 100 метри Симпсон.

Доколку и Б-пробите бидат позитивни скандалот ќе се вброи меѓу најголемите допинг случаи како оние со Бен Џонсон (1988), Катрин Крабе (1992) и Џастин Гетлин (2006).