1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Голем број загинати во два бомбашки напади во Бејрут

Во двојниот бомбашки напад пред иранската амбасада во главниот град на Либан, Бејрут, загинале повеќе од 20 лица. Одговорноста ја презеде екстремистичка група блиска до Ал Каеда.

Во нападите пред иранската амбасада во Бејрут кои ги извршиле двајца бомбаши-самоубијци, според последните информации загинале 23 лица, а најмалку 150 се повредени. Меѓу загинатите се наоѓа и иранското аташе за култура, соопшти Министерството за надворешни работи во Техеран. Во двете експлозии биле оштетени и седум околни згради, како и десетици автомобили.

Според локалните медиуми, по првата експлозија предизвикана од човек на мотоцикл, следела и втора поразорна, предизвикана од автомобил-бомба, натоварен со 100 килограми експлозив. Очевидци велат дека меѓу детонациите не минале повеќе од две минути.

Одговорноста за атентатот ја презеде екстремистичка група поврзана со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Духовниот водач на либанската исламистичка група Бригадите „Абдула Азам“, шеикот Сираџедин Зурајкат, преку социјалната мрежа Твитер соопшти: „Единицата ’Хусеин бин Али’ од Бригадите ’Абдула Азам’ стои зад нападот врз иранската амбасада во Бејрут. Двајца наши херои, либански сунити, загинаа како маченици во овие напади“.

Групата се закани со уште напади во Либан, доколку Иран не ги повлече
своите сили од Сирија и припадниците на групата не бидат ослободени од либанските затвори.

Иран, инаку, важи за важен сојузник на режимот во соседна Сирија. Областа во јужниот дел на Бејрут каде што се наоѓа амбасадата на Иран е упориште на милитантната шиитска организација Хезболах, која го поддржува сирискиот властодржец Башар ал-Асад. Во населбите во Бејрут кои се под контрола на Хезболах веќе имаше два напади во јули и во август годинава со вкупно 27 загинати лица. Сунитски радикали ја презедоа одговорноста за нападите. Инаку сунитските бунтовници во Сирија се заканија дека ќе ги напаѓаат сојузниците на режимот на Асад.