Големо признание за „Малиот Монмартр“ | Панорама | DW | 29.01.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Големо признание за „Малиот Монмартр“

Коста Хаџиантоновски е првиот Македонец кој ја доби највисоката награда за култура на Индија - Нехру. Основачот на Малиот Битолски Монмартр вели дека наградата не е само негова, туку и на сите детски ликовни творци.

default

Битола

На хепенингот во Битола неделава посветен на 30 роденден на Тоше Проески, на ликовниот уметник и педагог основач на Детското ликовно студио и Малиот Битолски Монмартр Коста Хаџиантоновски свечено му беше врачена највисоката награда за култура на Индија - Нехру. Неговите ученици од конкурсот во Индија во светски рамки добија три златни медали и осум специјални награди.

„Наградата е на сите мои ученици“

Коста Хаџиантоновски е првиот Македонец кој ја доби највисоката награда за култура на Индија - Нехру, воставена минатата година. Ова за мене претставува голем успех, изјави за Дојче Веле Хаџиантоновски и потенцира дека наградата не е само негова, туку и на сите детски ликовни творци, кои под негово менторство во изминатите 30 години биле вклучени во работата на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј‘‘ и Малиот Битолски Монмартр.

Kinderhände beim Malen

„Бидејќи тоа е огромен труд што го постигнувам со учениците од Детското ликовно студио полни 30 години. Поради целиот овој труд, што го вложувам и за афирмација на Битола низ целиот свет, ја добив таа награда како заслужен ликовен творец, педагог од областа на културата‘‘.

Расадник за млади ликовни уметници

Ликовната соработка на малите ликовни уметници од Македонија со Индија трае со години. Воедно со наградата Нехру за култура за Хаџиантоновски, на свеченоста во Битола на најуспешните од 35-те ликовни творци од Македонија, колку што учествуваa на ликовниот конкурс во Индија, им бea врачени три златни медали и осум специјални награди. Тоа е само уште една потврда на големиот квалитет на македонските детски ликовни творци.

Хаџиантоновски потенцира дека Детското ликовно студио од Битола е расадник за млади ликовни уметници од Македонија. „Битолските деца се толку талентирани што од Детското ликовно студио во овие изминати 30 години создадени се млади ликовни творци кои што станаа млади академски сликари, вкунпо 17 академски сликари од Битола, кои Битола ги создаде. И затоа јас сум пресреќен на моите 77-78 години, што успеав да создадам голем број на талентирани деца‘‘.

Kind beim Malen im Kindergarten

Битолскиот Монмартр во Гинисовата книга на рекорди

На меѓународната ликовна колонија Мал Битолски Монмарт, што од 1981 година се одржува во Битола на крајот на мај, учествуваат деца од над 50 земји во светот. Во фондот на колонијата се наоѓаат над 500 илјади цртежи. Интересно е што децата од Битола во 1995 година со изложба влегоа и во книгата на Гинисовите рекорди, ни појаснува Хаџиантоновски. „Отворивме изложба Гинисова со 11.058 цртежи така што отворивме и нова страница на Гинисовата книга на рекорди. Малиот Битолски Монмартр има учествувано на повеќе фестивали во светот, на три олимпијади во Сиднеј, Атина и Пекинг, а сега се подготвуваме и за олимпијадата во Англија‘‘.

Битола - светски центар на млади ликовни творци

Малиот Битолски Монмарт и Детското ликовно студио во текот на целата година организираат светска изложба, ликовни каравани, хепенинзи и многу други манифестации со учество на млади ликовни творци од цел свет.

Mazedonien Land und Leute Kinder in Skopje

„Одиме во Охрид, во Крушево ја сликаме староградската македонска архитектура и тоа е нешто посебно за децата од цел свет кои доаѓаат на колонијата Мал Битолски Монмартр. Сме учествувале и со повеќе изложби во повеќе светски метрополи. Во 1998 година отворивме голема изложба во Стокхолм, тогашната културна престолнина на Европа, а потоа и во Букурешт, Минхен и други европски градови. Верувам дека со Битола и Република Македонија добива еден голем културен европски, светски центар на млади ликовни творци.“

Коста Хаџиантоновски е инаку добитник на уште многу врвни светски признанија меѓу кои орденот за култура на Франција, медалот на честа на Париз, медалот Монмартр од Франција, како и македонските признанија Климент Охридски, медалот за животно дело на Битола и многу други.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Горан Чутаноски