1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Големото проширување на ЕУ

Проширувањето на ЕУ во 2004 година беше петтото и досега најголемо проширување на Унијата. На 1. мај кон ЕУ пристапија Естонија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Чешка, Унгарија и Кипар.

Ноќта кон 1. мај 2004 година владееше славеничко расположение од Малта до Полска. На мостот на реката Одра, меѓу Германија и Полска, луѓето танцуваа опуштени. Тоа беше посебен ден: „Денеска настанува нова Европа, простор на мирот. Вечерва се раѓа една Европа, која значи иднина за сите нас“, изјави тогаш германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер.

И ЕУ има граници

Но, не секому му беше до славење. Токму во Германија тогаш многумина стравуваа дека евтината конкуренција од Истокот ќе им го направи животот потежок. Ваквите сомнежи, кратко пред пристапувањето на земјите во ЕУ, се обиде да ги разбие тогашниот германски канцелар Герхард Шредер: „Проблемите кои би можеле да се појават на пазарот на трудот, во секторот на услужни дејности, во криминалот, при доселувањето, без Европската унија би биле во поголем опсег, и без проширувањето многу потешко би можеле да ги надминеме негативните последици, отколку што можеме да го сториме тоа со проширувањето“, појасни Шредер.

Германија и други ЕУ земји затоа за извесен период воведоа дополнителни мерки против целосно слободно доселување од новите земји членки. Меѓутоа, иако овие стравувања во голема мерка се покажаа како неосновани, во ЕУ се појави замор од проширувањето. „Знам дека постојат граници за капацитетот за прием на Унијата. Затоа сметам дека сега прашањето за способноста за прием на Унијата ќе стане важен елемент“, изјави австрискиот канцелар и претседавач со ЕУ во 2006 година, Волфганг Шисел.

Европа без воодушевување?

Во 2007 година во Европската унија беа примени уште две држави, Бугарија и Романија.

Ниту една влада на земја членка на ЕУ не ја става под знак прашање големата рунда проширување од 2004. година, кога пристапија десет нови членки. Меѓутоа воодушевувањето од 1. мај 2004. за еден нов европски сон, кој ќе се оствари, одамна исчезна.