1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Големи разлики меѓу богатите и сиромашните во Германија

Во ниту една друга земја на еврото имотот не е толку нееднакво распределен како во Германија. Исто така разлики постојат и меѓу истокот и западот на земјата.

Најбогатиот процент на населението поседува личен имот во вредност од најмалку 800.000 евра, се вели во едно истражување на Германскиот институт за економски истражувања (DIW). Наспроти тоа речиси една петтина од сите возрасни не поседуваат никаков имот. Кај околу седум проценти долговите се поголеми отколку имотот.

„Вкупно има мали промени во распределбата на имотот во земјата. Нееднаквоста останува на високо ниво“, изјави експертот на Институтот Маркус Грабка. Тој и неговите колеги ги споредија податоците од 2012 година со оние од 2007 година и 2002 година. „Никаде во евро-зоната имотот не е толку нееднакво распределен како во Германија“.

Споредба во еврозоната

Така наречениот „Gini“ коефициент, кој ги мери нееднаквостите и врши меѓународна споредба во Германија изнесува 0,78. Нееднаквоста е максимална доколку се постигне вредност од еден, при вредност од нула нееднаквоста е мининално изразена. За споредба во Франција коефициентот е 0,68, додека во Италија 0,61.

Вкупно нетоимотот на Германците изнесува околу 6,3 билиони евра. Најголемиот дел со 5,1 билиони евра отпаѓа на сопственост на земјиште и недвижнини. Околу 40 проценти живеат во сопствен недвижен имот, десет проценти од граѓаните поседуваат други видови на недвижнини како земјиште или викендици. Речиси секој втор возрасен поседува паричен имот и тоа просечно 29.000 евра. 51 процент имаат приватни осигурувања или договори за штедење за градба со просечна вредност од 18.000 евра.

Големи разлики Институтот утврди и меѓу истокот и западот на земјата. Додека возрасните во западна Германија во просек имаат имот во вредност од 94.000 евра, на истокот 41.000 евра. Вредноста на недвижнини кои лично се користат на западот изнесува околу 151.000 евра додека на истокот 88.000 евра. Со оглед на тоа што наследството за идните генерации е пониско, разликите и натаму ќе постојат, проценува Институтот.