1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Големи протести против Путин во Москва

Во Москва денеска (10.03) протестираа повеќе илјади луѓе против идниот претседател Владимир Путин, барајќи политички реформи. Полицијата уапсила повеќемина демонстранти.

Десетици илјади луѓе денеска се собраа во центарот на Москва на демонстрации против изборните манипулации при претседателските избори. Многумина носеа бели ленти, симбол на движењето за фер и слободни избори. Како и при претходните протести, учесниците се разнолики - млади, стари, националисти и либерали, претставници на општествениот живот, културата и политиката.

Демонстрантите скандираа: „Ќе и‘ ги вратиме изборите на Русија и таа ќе биде слободна“.

„Владеат луѓе кои ги украдоа нашите права“

Ниту парламентарните, ни претседателските избори не беа слободни, потенцираше водачот на опозицијата Владимир Рушков на почетокот на протестот:

„На власт се‘ уште се луѓе одговорни за масивните манипулации на изборите. Луѓе, кои ни го украдоа правото на избор, кои ги уништија слободата на печатот и политичката конкуренција. Ова политичко раководство не е легитимно. Тоа се исплаши и понуди неколку компромиси, но нема намера да спроведе опсежни политички реформи“. Тоа нема да го дозволиме, порача Рушков.

Збор на протестите зедоа претставници на независната руска организација за набљудување на изборите, Голос, но и многумина т.н. граѓани набљудувачи. Тие по спорните парламентарни избори поминаа обука за изборни набљудувачи.

Многумина од нив сведочат за т.н. изборна вртелешка. Со автобуси граѓани со право на глас биле возени од едно на друго гласачко место за да го дадат својот глас на повеќе места. За кого, сосема е јасно, истакна актерот Максим Виторган:

„На четврти март, вечерта Путин прогласи победа. И, да знаете, навистина е така, тој победи во војната на бројките. Бројки, кои ги сакаше по секоја цена. Тој е претседател на бројките, но не и на луѓето“.

Војна на бројките

Но, војната на бројките, за која зборуваше Виторган, продолжува, објавија организаторите на протестите. Полицијата официјално соопшти дека на демонстрациите учествувале околу осум илјади луѓе, организаторите тврдат дека ги имало триесет илјади.

Тие најавија дека ова нема да биде последен собир, ќе протестираат до конечно извршување на нивните барања за опсежни политички реформи, независно судство, крај на цензурата на медиумите, ослободување на политичките затвореници и нови избори. Ако Путин верува дека опозицијата нема никаква програма, се лаже, изјави Рушков.

Автор: Кристина Нагел/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска