1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Големи протести против воената хунта во Мијанмар

Германската влада со симпатии гледа на мирните протести против воената хунта во Мијанмар.

default

Рангун: на будистичките монаси им се приклучуваат се‘ повеќе обични луѓе

Владата бара и пуштање на слобода на сите уапсени демонстранти oд изминативе денови, изјави денеска во Берлин портпаролот на Министерството за надворешни работи Мартин Јегер. Во главниот град Рангун и денеска имаше масовни демонстрации, предводени од будистички монаси.

Ова се најголеми протести против воената хунта во Мијанмар, поранешна Бурма, од крвавото задушување на демократското движење пред речиси 20 години. Посебно искушение за властодршците во Рангун е фактот што на чело на протестното движење застанаа будистичките монаси во земјата, кои уживаат огромен углед кај населението. Според одделни политички набљудувачи во Мијанмар, ова би можело да биде почеток на крајот на владеењето на хунтата.

“За военото раководство е многу тешко да примени сила против монасите. Ако стори такво нешто, тоа би можело да има ефект на бумеранг и да предизвика масовно движење, слично на она во 1988-та година“ - смета Вин Мин, кој од Бурма би протеран и сега живее на Тајланд.

Во 1988-та воената хунта со оружје го задуши демократското движење во земјата. Од тогаш е во затвор или во куќен притвор и лидерот на опозицијата Аунг Сан Су Кјуи, која во меѓувреме ја доби и Нобеловата награда за мир. Таа за прв пат по повеќе години се покажа пред вратата на нејзината куќа на викендов, кога крај неа минуваше колоната демонстранти. Германската влада во меѓувреме побара итно пуштање на слобода на носителката на Нобелова награда за мир и водач на опозицијата Су Кјуи.

Најновите протести беа предизвикани од големото поскапување на бензинот и со тоа и на сите основни производи во земјата. Но, на монасите кои го презедоа водството на мирните протести веќе одамна не им е само до намалување на цените на бензинот, туку најавија дека ќе продолжат се‘ додека не падне хунтата. На протестните маршеви им се приклучуваат се‘ повеќе обични луѓе:

“Луѓето на Мијанмар стануваат се похрабри што се однесува до учеството на демонатрациите. Монасите се за нив највисок морален авторитет и затоа се‘ повеќе и повеќе се приклучуваат и обични луѓе на улица, наспроти стравот од армијата“ - порачува Сое Аунг од Националниот совет на Бурма.

Како главна причина зошто хунтата се воздржува од примена на сила во моментов се смета притисокот од Кина. Официјален Пекинг имено како најголем трговски партнер на Мијанмар врши притисок врз хунтата во Рангун да одбегнува конфронтација спроти Олимписките игри што наредната година ќе се одржат во Кина. “Ако хунтата преземе нешто, тоа ќе го наруши угледот на официјален Пекинг, бидејќи секој знае оти Кина е најважниот поддржувач на хунтата“ - оценува еден западен дипломат. Кина имено има стратешки интерес за големите резерви на нафта и земен гас со кои располага Мијанмар.