1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Големи победи на Витали Кличко и Михаел Шумахер

Викендов донесе големи победи за германските спортисти: Витали Кличко се избори за титулата светски првак во најценатата боксерска федерација ВБЦ, а Михаел Шумахер ја однесе веќе четвртата победа по ред во Формула 1 на трката во Имола

Кличко прима честитки од сопругата

Кличко прима честитки од сопругата

Витали Кличко, големата надеж на германскиот бокс, тргна по стапките на Мухамед Али, Фрејзер, Мајк Тајсон и Ленокс Луис и во “боксерската Мека“ Америка се избори за најугледната титула на светски првак во тешка категорија, во верзијата на Ворлд боксинг каунселот, ВБЦ. Две недели по дебаклот на неговиот брат Владимир во борбата за титулата во верзијата на другата боксерска федерација ВБО, во Степл центарот во Лос Анѓелес тој со технички нокаут во осмата рунда го победи Јужноафриканецот Кори Сандерс.

Прв кој му ја честиташе победата беше токму Британецот Ленокс Луис, кој се повлече од тронот на ВБЦ. “Витали покажа голем ангажман и заслужено ја презеде мојата титула на светски првак“ - порача Луис, кој во јуни минатата година го победи Кличко во истата сала исто со технички нокаут поради повредите на лицето и тоа во шестата рунда. Дури цел час по тешката битка пред полната сала во Лос Анѓелес, Витали уште не можеше навистина да му се радува на најголемиот триумф во неговата 19-годишна кариера. “Никогаш порано не ми било толку тешко“, изјави Кличко. Сепак:

“Многу сум горд што можам да се борам овде повторно и уште повеќе горд што го добив овој појас, што јас освоив титулата. Кори Сандера го потценив, долго го проучував и тој е многу силен борец, многу брзи нозе и многу брзи раце. Тој делува како да е уморен, а потоа одеднаш доаѓа експлозија. Тоа беше многу опасно за мене!“

Кличко додава дека бил под голем притисок да победи и да ја спаси семејната чест по празот на неговиот брат Владимир. “Брат ми ќе добие нова сила преку мојата победа и ние сепак ќе го оствариме заедничкиот сон“ - нагласи новиот светски првак во тешка категорија, Витали Кличко, чија следна битка, по негова желба, во секој случај ќе биде на домашен терен - во Хановер!

Не толку тешка, па и не толку сензационална, но сепак многу вредна е и победата на германскиот ас во формула 1, Михаел Шумахер. На трката во Имола тој го продолжи незадржливиот триумф на Ферари и со четврата победа по ред од почетокот на сезоната ги фрли во транс 80-те илјади фенови насобрани во Сан Марино. “Ова беше многу емотивен викенд. Како амбасадор на Сан Марино овде да се победи, тоа е прекрасно чувство“ - изјави Михаел по трката. Тој успеа да го победи Британецот Џенсон Батн од тимот на Бар-Хонда, кој ја имаше дури и пол-позицијата. “Беше навистина неверојатно како Џенсон стратуваше и тукуречи ми исчезна. Во тој момент помислив, овој пат че имаме навистина големи проблеми. Се надевав дека ќе исправам грешката поради којата ја загубив пол позицијата уште на првата кривина, но наместотоа морав да се бранам од напади на конкурентите зад мене.“ Но двете запирања на Џенсон во боксот му овозможија на Михаел Шумахер сепак да ја преземе челната позиција и да победи со 9,7 секунди предност. Запрашан дали ваквата комотна предност значи дека е решено прашањето за победникот и во оваа сезона, Михаел одговара: “Во никој случај. Сезоната е допрва пред нас и Џенсон Батн е многу сериозен конкурент!“

Најсериозниот конкурент на актуелниот лидер на табелета во германската Бундеслига, пак, Баерн Минхен, во 30. коло ги зголеми надежите за одбрана на титулата. Во локалното дерби против Минхен 1860, фудбалерите на Баерн однесоа победа со 1:0 и со тоа ја смалија предноста на Вердер Бремен на само 6 бода. Играчите на Вердер, пак, како да заборавиле да даваат голови и покрај бројните шанси натпреварот со Бохум заврши нерешено О:О. Спортскиот директор на Вердер, Клаус Алофс, по средбата изјави:

“Ние денеска овде одгравме натпревар што може да се означи како сензационален. Всушност, победникот мораше да се вика Вердер Бремен. Но, не може да се каже дека сме загубиле бодови, бидејќи сепак освоивме барем еден.“

А голманот на најостриот ривал, Баерн Минхен, Оливер Кан, на прашањето какви се шансите за шампионската титула по викендов, нагласи:

“Јас веќе реков дека имаме многу добри шанси да станеме шампиони, доколку ја сочуваме вербата во тоа и пред се ако победиме на претстојните натпревари!“

Меѓу преостантите четири натпревари до крајот Баерн се среќава и директно со актуелниот лидер на табелета Вердер, како и по викендов, трето пласираниот Штутгарт. Фудбалерите на Штугарт го совладаа Хановер на домашен терен со 1:О и со 17-тата победа во сезоната и понатаму се борат за учество во Лигата на Шампионите.

Четвртопласираниот Бајер Леверкузен го победи директниот конкурент во горниот дел од табелата Борусија Дормунд со 3 спрема О.

“Ова беше, верувам, една од најдобрите игри на мојата екипа“ - изјави тренерот Клаус Аугенталер по победата. Ова е шеста победа на Бајер во последните 7 натпревари.

Во дуелот на средината Ханза Росток го победи Шалке 04 со 3 спрема 1. А на долниот дел од табелата се расчистува односот на силите. По враќањето на Фреди Бобиќ и победата над директниот конкурент Кајзерслаутерн од 3 спрема О, тимот на Херта го напушти друштвото за испаѓање од Првата лига. Добри нерви покажува и Борусија Менхенгладбах, иако на викендов беше поразена од Волфсбург со 0 спрема 2. Ајнтрахт го победи Фрајбург со 3 спрема 0 и со тоа ги зголеми шансите да се извлече од дното, додека тимот на Келн практично е веќе во втората лига по поразот од 2 спрема 4 во натпреварот со Хамбург.

Поврзана содржина