1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Големи очекувања, разочарувачки почеток

Во Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг од вчера започна сослушување на сведоците во процесот против поранешниот либериски диктатор Чарлс Тејлор. Првите искази не донесоа никакви поконкретни сознанија

default

Чарлс Тејлор во судницата во Ден Хаг

Прв сведок беше Канаѓанецот Иан Смајли, кој како член на експертска комисија во 2001-ва година поднесе извештај во Советот за безбедност на ОН за трговија со дијаманти и оружје во Западна Африка. Обвинителството за уводот очигледно избра погрешен сведок и погрешен застапник на обвинението - судијата повеќе пати ги опоменуваше да бидат поконкретни, оти исказите и прашањата беа премногу неодредени и општи.

Таквиот тек на процесот обвинетиот Чарлс Тејлор го следеше очиглредно забавувајќи се. Тој самоуверено и влезе во преполнетата судска сала делејќи насмевки и бакнежи на присутните.

Жртвите на крвавата граѓанска војна во Сиера Леоне беа застапени само со исечоци од американски документарен филм од 2006-та година, во кои еден работник опишува што правеле бунтовниците од Обединетиот револуционерен фронт при нападот врз неговото село: „Прво ми ја положија оваа рака и ја отсекоа, а потоа ја отсекоа исто така и другава“.

Во наредните осум до десет месеци обвинителството има намера да повика 77 сведоци и жртви на злосторствата, како и 59 други лица од потесното опкружување на обвинетиот Тејлор. Тие треба да покажат дека тој како претседател на Либерија со пари, оружје и добро обучени убијци ги подржувал бунтовниците во соседната земја Сиера Леоне во борбата за власт и за природните резерви на дијаманти. Тејлор, според обвинението, притоа профитирал од зделките со крвавите дијаманти.

Само во периодот од 1996-та до 2002-ра, на кој се однесува обвинението, од теророт на бунтовниците настрадале повеќе од 22 илјади луѓе.

Лутгер Кажмјерчак