1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Големи немири во Стокхолм

Трет ден по ред шведскиот главен град е потресен од немири и судири меѓу полицијата и демонстранти кои протестираат против третманот на мигрантите во земјата. Предизвикана е голема материјална штета.

Полицијата уапсила седум лица во текот на нередите кои продолжија и денеска во Стокхолм. Веќе трет ден по ред во неколку предградија на шведскиот главен град се одвиваат жестоки судири меѓу групи демонстранти и полицијата. Во повеќе населби предизвикана е голема материјална штета, а има и голем број повредени.

Немирите почнаа откако полицијата уби 69-годишен човек при обид да биде уапсен. Полицијата тврди дека лицето им се заканувало со нож, додека демонстрантите сметаат дека се работи за прекумерна употреба на сила.

Групи од десетици млади луѓе, претежно од мигрантско потекло, своето незадоволство го изразуваат уништувајќи возила, демолирајќи училишта, полициски станици и болници...

„Ова се места кои претходно не беа зафатени од немирите, па е тажно да се слушне дека сега се. Се добива впечаток дека луѓето имаат можност да го рашират гневот и на други локации, настрана од Хасби, каде се почна“, вели Кјел Линдгрен од стокхолмската полиција. Исто така, вандализирана е и полициската станица Јакобсберг, искршени се прозорците, а демолиран е и блискиот трговски центар. „Се плашам дека ќе биде и полошо. Ќе станеме како Франција“, вели Киста, локален жител.

Мигрантите цел на полицијата

„Мора да се види што се случува од поширока гледна точка. Не е прв пат нешто

вакво да се случи, а не е ни последен. Ваква реакција се јавува кога луѓето чувствуваат дека не се еднакви, што е случај во Шведска“, вели Рали ал-Камиси, студент по право, основач на младинската организација Мегафонен. Од оваа организација ја обвинуваат полицијата дека употребува прекумерна сила и дека целно ги напаѓа луѓето со мигрантско потекло.

„Луѓето сакаат долготрајни решенија на социјалните проблеми, место зголемување на бројноста на полицијата“, вели уредникот на локален весник. Шведскиот премиер Фредерик Реинфелд ја коментираше ситуацијата на прес-конференција во вторникот попладне.

„Имавме две ноќи исполнети со бес, штети, и непријатна ситуација во Хасби, и постои ризик тоа да продолжи“, рече Реинфелд. „Групи млади луѓе мислат дека тие можат и треба да го сменат општеството со насилство. Да бидеме на чисто: Тоа не е во ред. Не можеме да се водиме од насилство“.