1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Големите се надеваат на победа на Евровизија

Се е подготвено за вечерашното финале на Изборот за песна на Евровизија во Диселдорф. Со минатогодишната победа на Лена, кај земјите од „големата петорка“, повторно се врати ентузијазмот

default

Евровизија скапо ги чини Франција, Велика Британија, Шпанија, Италија и Германија. Но, земјите од таканаречената „голема петорка“ речиси и да не паметат кога последен пат победиле на евровизискиот фестивал. Минатогодишниот триумф на Лена повторно им ја врати надежта, признава и Кристина Џунти, претседателка на Клубот на обожаватели на Евровизија од Италија:

„Порано мислевме дека веќе не е можно некоја земја од големата петорка да победи на натпреварот. Меѓутоа, мое мислење е дека тие и не се ни трудеа многу. Но, годинава е поинаку. Откако видоа дека Германија победи, сфатија дека со добра песна – може и да се победи, или барем да се постигне повисок пласман.“

Всушност, Италија е толку мотиварана, што годинава повторно се врати меѓу земјите-финансиери на фестивалот.

Даниел Гулд е новинар од британскиот весник „Дејли експрес“ и добар познавач на Евровизија. Според него, има две причини зошто земјите од големата петорка повторно покажуваат интерес:

„Како прво, порасна угледот на фестивалот. Тоа го видовме во последните неколку години со песната на Александар Рибак, која беше хит насекаде во Европа, и се разбира победата на Лена минатата година, чија песна исто така беше европски хит.

Eurovision Song Contest Düsseldorf Deutschland 2011 Zweites Halbfinale Moldawien Moldau Flash-Galerie

Настапот на Молдавија во полуфиналето

Освен тоа, годинава натпреварот се одржува во земјата со најголем музички пазар во Европа, односно Германија, што е уште една мотивација за земјите од големата петорка да ги сфатат работите посериозно.“

Се проценува дека вечерашното 56 издание на Евровизија ќе биде проследено од 100 милиони гледачи ширум Европа и светот. Во 2009 година, организаторот на Евровизија воведе измени во системот на гласање. Оттогаш педесет насто од гласовите ги дава стручно жири, а останатите педесет доаѓаат од гласовите на публиката во сите земји-учеснички.

Ден „Д“ за Франција, мали шанси за Лена

Меѓу оние, кои со нетрпение го очекуваат вечерашното шоу е и Џеф, од Клубот на обожаватели на Евровизија од Франција. На нивниот претставник, Амури Васили му се припишуваат големи шанси за победа. Џеф се надева дека Франција конечно ќе победи на Евровизија по 34 годишна пауза:

„Денеска е денот Д и чувствата се измешани. Се надевам дека ќе победиме, но се обидувам да не се надевам премногу за на крајот да не бидам премногу разочаран.“

Сериозна конкуренција на францускиот претставник му се браќата-близнаци од Ирска. Џедвард настапуваат со песната Lipstick.

ESC 2011 Eurovision Song Contest 2011 Lena Meyer-Landrut

Има ли шанси Лена да го повтори минатогодишниот успех?

Што се однесува до германската претставничка Лена, таа е втора во историјата на Евровизија, која одлучува да ја брани титулата на домашен терен. Песната Taken By A Stranger повторно наидува на добар прием кај публиката, но дали има шанси за втора победа?

„Мислам дека не“, смета Марчин Антошиевич од Полска. „Песната не е доволно евровизиска. Нормално, таа е позната и омилена кај европската публика, но годинава на Европа и` треба поинаква песна, отколку онаа на Лена.“

Но, се разбира, се` до завршувањето на гласањето ништо не може да се каже со сигурност.

Автор: Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски