1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Големиот германски извоз-закана за Европа?

Германија извезува многу повеќе стоки и услуги отколку што увезува. Тоа не им се допаѓа на многу политичари, кои тврдат дека германскиот суфицит е виновен за економската нерамнотежа во Европа. Дали е тоа вистина?

default

Германскиот извоз за многумина е трн во окото

На Германија не и‘ оди лошо дури и во криза. Националното стопанство просперира, стапката на невработеност е на рекордно ниско ниво. Во 2011-та година извозниот волумен ја надмина волшебната бројка од еден билион евра. Германците од другастрана трошеа пари, но кога ќе се споредат увозот и извозот, факт е дека Германија има суфицит од 156 милијарди евра. Во трговијата со Германците дури 20 од 27 земји-членки на ЕУ во минатата година забележале дефицит.

Ханс Петер Кајтел, претседател на Сојузното здружение на германската индустрија во тој факт не гледа проблем. Значењето на европските соседи за германскиот извоз и онака опаѓа, додека Германија игра се‘ поважна улога кога станува збор за увозот на стоки од странство, тврди Кајтел и додава: „Критиките немаат голема врска со реалноста. Германија е најголем европски увозник и локомотива не економскиот развој на европските простори“.

Динамика на сметка на другите

Трговскиот вишок или суфицит не е ништо ново за Германија. Земјата редовно во светот извезува повеќе отколку што увезува. Сепак во последните десет години, јазот меѓу извозот и увозот е се’ поголем. Во 2007-ма година достигна рекордно ниво од 195 милијарди евра.

Густав Хорн, директор на Институтот за макроекономија и економски истражувања во фондацијата „Ханс Беклер“ , тој развој го нарекува предвесник на кризата во еврозоната.

„ Должничката криза која во моментов ја тресе Европа изворно е последица на кризата во трговскиот биланс односно односот меѓу извозот и увозот. Со децении наназад некои земји ( граѓаните и државите) се задолжуваа во странство. Други земји пак бележеа извозен вишок. Германскиот суфицит се заснова на долговите на помалку конкурентните земји“, вели Хорн.

Неговото решение гласи: Германците мора повеќе да заработуваат. Платите мора да се зголемат. Тогаш ќе порасне и потрошувачката , што би се одразило и на увозот од странство.

„Извозот мора да продолжи што впрочем сега и се случува. На пазарот во тек е европски натпревар и тој натпревар мора да цвета“, нагласува Хорн. Но , нагласува тој, приходите од извозните успеси би морале во дел да стигнат и до банкарските сметки на вработените, за да можат тие пари да се потрошат на домашни и странски производи и да може на крајот од краиштата да се воспостави рамнотежа меѓу увозот и извозот, вели Хорн.

Symbolbild Export Kiste Box Wirtschaft

Работодавачите не даваат поголеми плати

Мислењето на Хорн не го делат сите. Михаел Хитер кој е претседател на Институтот на германското стопанство, наклонет кон работодавачите го лутат зборовите на Хорн. Тој истакнува дека трошоците на труд во Германија се високи во споредба со меѓународната конкуренција. Хитер прецизира: само во Велика Британија, Франција, Италија и Данска трошоците на трудот се поголеми отколку во Германија.

„Најдобро би било нашата економија да ја одржиме во динамична состојба и на тој начин да ја одржиме и стапката на побарувачка за нашите производи во еврозоната“, додава Хитер. Но тоа нема да биде лесно. И покрај спроведените реформи, од држави како Грција, Португалија или Шпанија нема да биде можно за краток рок да се создадат индустриски силни земји. Тие имаат премногу суштински проблеми. Европа уште долго ќе мора да живее во нерамнотежа а таа не може да се отстрани со „ограничување“ на извозот на успешните држави, туку само со помош на разработени механизми на Европската унија, како на пример структурните и кохезионите фондови.

Автор: Забине Кинкарц/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска