1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Голема љубов кон врсничката - независна Македонија

На денешен ден пред точно 20 години кога Македонија прогласи независност, родителите на Христијан го славеа неговото раѓање. Што значат 20 години во животот на еден човек, а што во постоењето на една држава?

default

Христијан е роден на 8 септември 1991 година

За дваесетгодишниот Христијан Проданов овој ден има двоен повод за прослава. Тој денеска слави два родендена, неговиот личен и роденденот на татковината. Христијан е првото дете родено во независна Македонија, точно на полноќ меѓу 8 и 9 септември 1991, набрзо откако беа објавени референдумските резултати.

„ Мајка ми и ден денес кога на телевизија ја даваат прославата од независноста ќе ме викне и ќе ми рече во овие мигови ти се раѓаш. Еве и сега кога се присетувам се наежувам од силното чуство“.  

Голема чест е да се врсник на самостојна Македонија

Hristijan aus Skopje

Христијан сликан на плоштадот Македонија пред денешната голема прослава


За Христијан е голема чест да биде врсник на Македонија. Младиот човек зборува за Дојче Веле на украсениот скопски плоштад подтвотвен за вечерашната прослава. Вели дека многу ја сака својата земја.

„Ја сакам заради тоа што е премногу убава, нуди многу и бидејќи сум роден во Македонија и во ист ден со неа.“

Студентот на Природно-математичкиот факултет можеби ќе замине од Македонија откако ќе ја совлада информатиката испашен дека нема да најде работа во својата земја.

„Искрено сум размислувал за тоа, но за по факултетот од причина што нема кој завршил ќе добие вработување, туку мама - тато, со врски е се. Тоа и лично го имам искусено кога тренирав фудбал“. 

Роденденско славје на плоштадот Македонија

Две децении во животот на еден човек се веројатно многу повеќе отколку две децении во историјата на една држава. Христијан смета дека во изминатите 20 години тој пораснал, созреал и напреднал повеќе отколку Македонија.

„Мислам дека јас се имам развиено повеќе, бидејќи Македонија со луѓето кои ја водат не е отворена за нови идеи и размислувања. Јас сум отворен за сите предизвици гледам што се случува на страна, како што може и да забележите не изгледам типично македонски“.

Иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО смета Христијан Проданов. Посакува својата земја да ја види голема во културна смисла на зборот.

„Македонија во блиска иднина ја гледам како една од најголемите земји на културен план“.

Христијан ќе го прослави својот 20 ти роденден на плоштадот Македонија заедно со своите сонародници кои ќе ја слават независноста на државата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Симе Недевски