1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Голема рација против салафистите во Германија

Министерот за внатрешни работи на Германија Ханс Петер Фридрих забрани салафистичко здружение од Солинген. Безбедносните служби утрината спроведоа рација во седум германски покраини.

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих денеска го забрани салафистичкото здружение „Милату Ибрахим“ од Солинген. Организацијата е насочена против уставниот поредок и разбирање меѓу народите, изјави министерот Фридрих денеска во Берлин.

Истовремено е отворена истрага за две други организации. Станува збор за мрежата „Вистинска религија“ како и групата „Дава ФФМ“ од Франкфурт на Мајна. Организаицијата „Вистинска религија“ околу радикалниот проповедник Ибрахим Абу Наги во последно време предизвика внимание со делењето на бесплатни примероци на Коранот во германските градови.

Министерот Фридрих потврди дека утрово е спроведена рација во домовите и здруженијата на салафистите во седум покраини во Германија: Баварија, Хесен, Северна Рајна Вестфалија, Долна Саксонија, Хамбург, Шлезвиг Холштајн и Берлин. Во акцијата беа вклучени речиси 1.000 безбедносни органи. Беше извршен претрес во повеќе од 70 објекти.

Според првата програма на германската телевизија, претресот бил извршен за да се обезбеди доказен материјал за евентуална забрана на здруженијата кои се во фокусот на истрагата.

Во Германија салафизмот се смета за опасна струја на исламот, поради радикалноста на движењето. Безбедносните органи проценуваат дека во земјата има околу 4.000 приврзаници на салафизмот.