1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Голема коалиција – преговорите течат

Коалиционите преговори меѓу партиите на Унијата и СПД влегоа во жешка фаза. Работните групи вчера соопштија нови решенија, меѓу кои и согласноста за постапано зголемување на старосната граница за заминување во пензија од сегашните 65 на 67 години, по 2012 година.

Меркел и Минтеферинг

Меркел и Минтеферинг

Исто така, постигната е согласност за корекција на реформата на пазарот за работа Харц 4, што треба да донесе заштеди од 1,87 милијарди евра.

На денот на работодавачите во Берлин, кандидатката за канцелар Ангела Меркел ја потврди поддршката на големата коалиција:

„Токму големите коалиции, тоа го знаеме од повеќе покраини, зависат од тоа дали личностите што ги водат имаат за тоа внатрешна волја или пак тоа го оценуваат само како дадена несреќа. Можам да ви соопштам дека постои цврста волја да се направи нешто од оваа констелација„.

Во врска со темата заштита од отпуштање, Меркел изјави:

„Цврсто сум убедена дека во подрачјето на заштитата од отпуштање, треба да направиме измени. Едноставно да ги засилиме можностите за промени, со што би им овозможиле иднина на луѓето што денес немаат шанса„.

Шефот на СПД на заминување Франц Минтеферинг во неговиот говор на истата средба, пледираше за тоа постарите генерации да не бидат турнати на маргините на општеството:

„Ако ова општество не е тотално лудо, тогаш мораме и во политката и во стопанството да постигнеме едно да биде јасно: оние што имаат 50, 55, 60 или 65, се уште можат нешто да направат, дека се способни и не смеат да бидат турнати настрана. Ниту во работата, ниту во општеството„.

Претседателот на работодавачите Дитер Хунт, ја предупреди новата влада од зголемување на даноците, а зголемувањето на данокот на додадена вредност го смета за прифатливо само под одредени услови:

„Оној што смета дека ќе го консолидира буџетот со зголемување на даноците се движи по лизгав пат. Ако се зголеми данокот на додадена вреност тогаш парите од тоа треба да се насочат во социјалното осигурување„.

Се уште актуелниот министер за одбрана Петер Штрук искажа убеденост дека коалициониот договор бргу ќе биде потпишан:

„Сметам дека коалициониот договор ќе биде потпишан зашто досегашните преговори ја оправдаа довербата дека е можна голема коалиција. Потоа мора да се работи. Земјата со право очекува конечно да ја вршиме работата„.

Преговорите во работните групи и на лидерско ниво продолжуваат. Според планот се треба да биде готово до крајот на идната недела, за потоа на конгресите на ЦДУ и СПД кон средината на ноември, да биде прифатен договорот за коалицијата.