1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Голема афера со “киднапирани“ деца во Чад

Против шест соработници на една приватна хуманитарна организација од Франција подигнато е обвинение за наводен обид за киднапирање на деца во Чад.

default

Претседателот на Чад Идрис Деби ги посети децата што требаше да заминат за Франција

Тамошното јавно обвинителство обвини уште тројца француски новинари и седуммина соработници на една шпанска чартер компанија за помош во спомнатото дело.

Станува збор за акција на хуманитарната организација “Архе де Зое“ која сакаше наводно да извлече повеќе од 100 деца на возраст од 1 до 7 години од пеколот на Дарфур. Според истрагата на УНИЦЕФ меѓутоа децата немале уредни документи, а барем половината воопшто не потекнувале од суданската кризна покраина Дарфур. Бирке Буркард испрати извештај со повеќе детали за спорната акција.

Нелегална и неприфатлива

Со овие зборови ја окарактеризира акцијата францускиот претседател Николас Саркози. Неговиот колега по функција од Чад, Идрис Деби, отиде и чекор понатаму:

“Дали требаше овие деца да им бидат продадени на педофили? Што е по мое мислење сосема очигледно. Или дури уште полошо: дали требаше да бидат убиени за да им се извадат органите и да се продадат за трансплантација?“

Обвинетата хуманитарната организација Архе де Зое ги отфрла сите обвинувања. Таа сакала само да им помогне на децата од кризниот регион и за таа цел нашла веќе семејства што ќе ги прифатат во Франција. Некои од нив веќе платиле и по повеќе илјади евра за акцијата. Таа меѓутоа беше под лупа на француските органи на власта уште од најавата на претседателот на организацијата Ерик Брето дека има намера да спаси 1.000 деца од суданската кризна покраина. Државниот секретар при француското министерство за надворешни работи Рама Јаде појаснува:

“Ние поставивме прашања поврзани со акцијата, на пример со која цел се спроведува, со кого, кога итн. На ниедно од нив не добивме одговор.“

Информациите на УНИЦЕФ велат дека барем 48 од вкупно 103 деца воопшто не потекнуваат од Дарфур, туку од Чад. Освен тоа само мал дел од нив се навистина сирачиња, како што тврдеше хуманитарната организација.

Сега се активирани истражните органи не само во Чад, туку и во Франција. Во Париз меѓутоа со олеснување беше примена веста дека владата на Чад наспроти аферата со децата сепак не им го откажува гостопримството на воените сили на ЕУ кои требаше да помогнат во заштитата на бегалците од Дарфур и другите кризни подрачја во регионот.