1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Голема Албанија“-националистичката идеја уште е жива

Движењето „Самоопределување“ од Косово не е единствено што ја застапува идејата за „Голема Албанија“. И граѓаните во самата Албанија , уште од падот на комунизмот ги привлекува национализмот.

default

Логото на „Црвено- црната Алијанса“ во Албанија

Митовите и историски заснованото чувство на загрозеност заживеаја во Албанија во процесот на потрага по идентитетот, по долгата изолација за време на комунистичката диктатура на Енвер Хоџа, но и за време на транзицијата, вели историчарот Артан Путо, доцент на универзитетот во Тирана „Марин Барлети“. Така , митот за потеклото на Албанците како „најстар народ во југоисточна Европа“ е раширен дури и кај културната и политичка елита во земјата. Етничкиот национализам наоѓа свој конкретен израз во антисловенските и антихеленистичките текстови и слогани. Грците и Србите се сметаат за виновни за ситуацијата во земјата, вели Путо.

Kosovo Polizei Albin Kurti Opposition

Албин Курти (Лидерот на движењето „Самоопределување“) наспроти полицијата

Црвено- црната  алијанса

Развојот на настаните на Косово со години наназад го поттикнува национализмот и во Албанија, вели публицистката Марјола Рука. Екстремните ставови во Албанија се пред се‘ во спрега со алтернативните движења на младите, како што е политичката организација „Самоопределување“, која себеси се дефинира како граѓанско движење. Таа организација, а сега и политичка партија со седиште во Приштина, ја застапува идејата за „Голема Албанија“ и омразата против српските соседи. Од почетокот на 2011-та година „Самоопределување“ е трета политичка групација по бројност во косовскиот парламент.

Уште едно политичко движење ја поддржува идејата за „Голема Албанија“ и има голем број приврзеници меѓу добро образуваните млади луѓе во Албанија - националистичката „Црно-црвена алијанса“. Нејзина самоoпределена цел е да го оствари „недовршениот сон на патриотите на албанското национално движење ’Рилиндија“ односно ’Препород’ при прогласувањето на независноста на земјата во 1912-та година“. Во тоа време, една половина од етничките Албанци останала надвор од границите на новата албанска држава. Публицистката Рука привлечноста на тие организации за младите луѓе ја објаснува со тешката економска ситуација и недоволниот развој на демократската култура во земјата.

„Еден народ, еден пасош“

Flash-Galerie Albanien

Знамињата на Албанија и на Косово

„Црвено - црната алијанса“ не е активна само во Албанија, туку и на Косово, во Македонија и меѓу албанската дијаспора во Европа, особено меѓу студентите. Со цел да допре до пошироките слоеви на населението, алијансата своите политички пораки ги редуцираше на клучни зборови како на пример: „Албанија над се’“. На собирите и во медиумите нејзините претставници настапуваат со слоганите како „Еден народ, еден пасош“. Тоа е дел од кампањата за промена на постоечкиот устав на Албанија, со цел „етничките Албанци, без оглед каде живеат, да добијат право за стекнување државјанство во земјата-матица“.

Во Македонија „Црвено- црната алијанса“ води кампања со слоганот: „Говори албански“. На интернет страницата на алијансата пишува: како што Албанците би требало да зборуваат македонски, така и Македонците би требало да зборуваат албански“. Доколку тоа не се случи Алијансата нуди решение: „Говори албански или разведи се“.

Автор: Пандели Пани/ Симе Недевски

Редактор: Ж.Ацеска