1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Голема Албанија“ - анахрона идеја

Среде лето политичката сцена во Црна Гора, но и во регионот, е разбранувана со идејата за т.н. „Природна Албанија“. Но, во Црна Гора и на Балкан идејата за „Голема Албанија“ тешко наидува на приврзеници.

Директорот на Институтот за регионални прогнози во Тирана, Кочо Данај бара ревизија на меѓународниот договор од почетокот на минатиот век за да се оствари намерата за „Голема Албанија“. Но, секој кој барем попатно ги следи политичките движења во Југоисточна Европа, може да процени дека идејата на Данај однапред е осудена на неуспех. Освен на Косово, каде идејата за обединување на Албанија и Косово ја застапува движењето „Самоопределување“ на Албин Курти, останатите релевантни политички субјекти во регионот, како и во самата Албанија, во своите програми немаат концепт за создавање на „Голема Албанија“.

Иницијативата ја отфрлија и албанските пратеници во Црна Гора

Идејата посебно не поминува во Црна Гора, каде живее малубројна албанска заедница која, пред сѐ преку учество на претставниците на малцинските заедници во владата на премиерот Мило Ѓукановиќ, се обидува да го подобри својот статус во земјата. Затоа пратениците-Албанци во црногорскиот парламент одбија да ја потпишат петицијата со која Данај сака, како што изјави, да изврши притисок врз меѓународната заедница за да ја оствари целта - Албанците да живеат во заедничка држава.

По тој повод реагираше и владата на Црна Гора, оценувајќи дека „идејата за промена на националните и етничките граници на Балканот е дел од ретроградната политика од минатото“.

„Посебно го истакнуваме фактот што инцијативата за формирање на ’Природна Албанија’ не ја одразува официјалната политика на Тирана, со која имаме одлични односи“, изјави министерот за надворешни работи на Црна Гора, Игор Лукшиќ, додавајќи дека двете земји се искрено посветени на евроатлантските интеграции.

Infografik Albanische Siedlungsgebiete und Grenzen von Großalbanien DEU

Сонот за „Голема Албанија“

„Зашто, едноставно, интегративните процеси се засноваат на регионална соработка, а регионалната соработка се заснова на добрососедски односи. Односите меѓу Црна Гора и Албанија можат да бидат пример за многу други земји во регионот“, оцени шефот на црногорската дипломатија.

Заедно во Европа

За функционерот на Демократскиот сојуз на Албанците во Црна Гора, Никола Цамај, сон на Албанците е да живеат во една држава. Тој меѓутоа смета дека во новите околности тоа порационално ќе се постигне со влез во ЕУ на сите држави во кои живеат Албанци.

„Националните заедници отсекогаш стремеле кон живот во рамките на една држава. Но, патот кон Европа го релативизира тоа прашање, па Албанците ќе бидат заедно во обединета Европа“.

Ист став дели и новинарот Фахри Муслиу, кого сето ова недвосмислено го потсетува на почетокот на политиката на Слободан Милошевиќ од 1980-те години и на приказните за создавање „Голема Србија“. Според неговите зборови, на таквите анахрони проекти како оној на Данај, поединци само се обидуваат лично да профитираат и да го свртат вниманието од клучните проблеми за тие земји и тие општества.

„Такви проекти се невозможни во денешно време. Всушност, никогаш не ни постоела т.н. природна ниту етничка Албанија. Значи, тие големи проекти не се отварени ни кај другите народи, па нема да бидат ни кај Албанците“, заклучува Муслиу.