1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Големата игра“ во Авганистан

Авганистан се наоѓа во регион богат со суровини, чии земни богатства отсекогаш ја буделе алчноста на регионалните и светските сили. Во меѓувреме, конкуренти за ресурсите на Централна Азија се САД и Кина.

Под авганистанската земја лежат огромни минерални богаства

Под авганистанската земја лежат огромни минерални богаства

Во 19. век Русите и Британците беа тие кои се бореа за влијание во регионот. Тоа беше жешка политичка игра, таканаречена „Грејт гејм“ (голема игра н.з.). Суровините на Авганистан би требало да се вредни повеќе милијарди долари. Уште повисоко се проценети енергетските извори во другите централноазиски држави - огромен, досега делумно нечепнат колач.

Глад за суровини

Претставници на кинеска фирма прават проценка на рудниците за бакар

Претставници на кинеска фирма прават проценка на рудниците за бакар

Иран, Пакистан, Индија, Русија и пред се‘ САД и Кина, со задоволство би земале дел од тој колач. Многумина експерти се согласуваат дека освен војната против тероризмот, во Авганистан се води и борба за ресурси. Пристапите до извори на суровини досега не се регулирани како што треба, смета Томас Гревен, приватен доцент за политички науки на Слободниот универзитет Берлин. „Во најлош случај, ако дојде до конфликти, не е доволно само да се имаат договори за експлоатација на суровини. Пристапот до извори на суровини мора да биде обезбеден со воени бази и безбедносно-политичка соработка.“

Кој ќе го диктира тонот?

Нови улици во Авганистан „изградени од САД, користени од Кина“

Нови улици во Авганистан „- изградени од САД, користени од Кина“

САД и Кина најмалку една деценија се конкуренти, кои се борат за изворите на суровини во светот. Двете земји знаат дека директниот пристап до извори на енергија е одлучувачки за тоа кој ќе ја задржи благосостојбата, односно каде таа ќе се намалува. Новата „Грејт гејм“ во Централна Азија е значи борба за тоа дали 21. век ќе биде кинески или американски, нагласува Томас Гревен. „За САД не е сеедно што во Авганистан и други земји од Централна Азија има резерви на суровини.“ Освен тоа, вели политикологот, на Вашингтон не му се допаѓаат обидите на Пекинг да дојде до извори на суровини, а притоа не учествува во борбата против меѓународниот тероризам во Авганистан.

Кинеската влада со години води политика на „купување“ во Авганистан и во други централно-азиски земји. Пекинг, на пример, си ги обезбеди најголемите рудници за бакар во регионот на источен Авганистан, што го многу го лути Вашингтон. Цената - три милијарди долари. На улиците, кои САД ги градеа во Авганистан, наскоро ќе се движат полни камиони во насока на Кина. Пекинг, официјално, отфрла дека има политички големи амбиции во Авганистан и во регионот. Многумина набљудувачи, меѓутоа, веруваат дека Кина има за цел да го диктира тонот, барем во Азија. Според Јирген Штетен, раководител на рефератот за Азија во фондацијата „Фридрих Еберт“, вистината е „некаде на средина“. Тој смета дека „Кина дури и да сака, не може да си дозволи да не биде геостратешки играч, што сигурно важи и за региони како Авганистан и авганистанскиот конфликт“.

Избегнување директни конфронтации

Присуството на американските војници во Авганистан ја загрижува Кина

Присуството на американските војници во Авганистан ја загрижува Кина

Кина досега избегнува директна конфронтација со САД. Светската сила во најава се чувствува многу загрозена од околу стоте илјади американски војници во нејзиното непосредно соседство. Плановите на американската влада да се ангажира во Авганистан и по 2014 година на Пекинг му задаваат големи грижи, вели Јирген Штетен. „Очигледно е дека Кина нема интерес да биде заобиколена од американски воени бази.“ Но, Кина знае, продолжува експертот, дека ќе биде многу тешко да ја избегне ваквата ситуација, барем среднорочно. Затоа, убеден е Штетен, Кина се залага пред се‘ за блиска соработка со Пакистан, земја која е во соседство на Кина и Авганистан.

Близината со Пакистан за Кина, поради многу причини, е од големо значење. Пекинг, од една страна, во Исламабад гледа верен сојузник против Индија, најголемиот кинески ривал во регионот. Од друга страна, Кина смета дека со помош на исламската република Пакистан подобро ќе може да ги реализира своите интереси во Авганистан, особено по повлекувањето на САД.

Прогноза за исходот на новиот „Грејт гејм“ Штетен не сака да дава. Се‘ уште е отворено кој на крајот на големата игра ќе излезе како победник. За Авганистан, меѓутоа, би можела да се случи катастрофа, смета Штетен. Зошто? „Затоа што враќање на талибанците или други конфликти меѓу големите ривали во регионот, било да е Кина, Индија или САД, би можеле да предизвикаат траен конфликт во Авганистан, од кој земјата нема да излезе во догледно време“, одговара Штетен. Сиромавиот богат Авганистан.

Автор: Ратбил Шамел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски