1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Голготата на Бугарите во Титова Македонија

Во времето на Тито многу од Бугарите во Македонија се подложени на огромни репресии со цел да се откажат од својот национален идентитет. Вистината за трагичните судбини се наоѓа во досиејата на злогласната УДБА.

Бугаринот од Прилеп, Темелко Нешков минал 12 години во затворите на Титова Југославија, само затоа што гордо и храбро опстојувал на својот национален идентитет во годините по Втората светска војна. Две години по смртта на Нешков во Бугарија е издадена неговата автобиографска книга „Разделба нема: Македонија за време на македонизмот“, како и делот од досието кое за него го водела УДБА во Скопје под наслов „Досие- Југославија во душата на Македонија“.

Како УДБА ги асимилираше „нејугословенските“ народи

Бугаринот од Прилеп ги опишува собитијата кои му пркосат на митот за мирољубивата југо-империја во која постоела слога меѓу различните националности. Тој пишува за масовното убиство на бугарски офицери на Калето крај Скопје. Кусо пред советската окупација (на Бугарија, н.з.) пратеникот на Тито во Скопје алармира дека населението во Македонија масовно искажува омраза кон Југославија. Властите во Белград реагираат на типичен начин за еден комунистички режим - со безмилосно искоренување на „несаканото“ самосознание. Во машинеријата на УДБА биле фрлани сите со „нејугословенски“ идентитет - етнички Бугари, хрватски и унгарски националисти, албански автономисти, српски антикомунисти, муслимански екстремисти, словенечки и италијански сепаратисти.

„И во времето на Тито и потоа, теророт бил насочен кон уништување на бугарската, и општо на целата нејугословенска интелигенција“, тврди долгогодишниот истражувач Иван Николов од издаваштвото „Св. Климент Охридски“. Во Бугарија објавеното опширно, иако очигледно прочистувано, досие на Темелко Нешков во УДБА добро ги опишува круговите на создадениот пекол во кој паѓале луѓето со бугарска самосвест во Титова Југославија. Тој по ништо не се разликува од советскиот гулаг или од логорите на смртта во комунистичка Бугарија.

Bulgarien Telemko Neschkow - Buchvorstellung (BGNES)

Книгата на Темелко Нешков

Жртвите биле постојано следени, станувале објект на измислени поткажувања, биле подложувани на секојдневно тормозење и апсење, на драматични процеси по кои завршувале на долгогодишна робија. Во досието на Нешков се документирани не само обидите на затворските власти преку редовно тепање и малтретирање да изнудат признание од него, туку е запишано и неговото категорично одбивање да соработува со УДБА. „Јас нема да газам врз жртвите на организацијата. Ако сакате, можете да ме ослободите, ако не, ќе останам до последниот ден во затвор“. На што тие му одговараат: „Требаше да те ликвидираме уште во 1947 година“.

УДБА и ДС меѓу Бугарите

„Во годините по 1945 бугарската ДС (тајна служба, н.з.) и македонската УДБА работат заеднички на искоренување на бугарштината од двете страни на границата“, вели Љубомир Нешков, син на Темелко Нешков.

„Татко ми имаше длабоки сомнежи дека дел од предавниците на организацијата за отпор против етничкото чистење биле намерно испратени од режимот во Бугарија. Познато е дека до расколот во Коминтерната, марионетскиот режим во Софија на Југославија ѝ предавал голем број Бугари, бегалци од грчка Македонија, заведувајќи ги како Македонци. Желбата на мојот татко беше само една - двете држави да имаат исклучително блиски и пријателски односи. Граѓаните и лидерите од двете страни на границата треба добро да го прочитаат и проучат минатото, да минат низ катарза и преку градење на мостови на добрососедство заедно да ја урнат карпата на омразата“, вели Љубомир Нешков.