1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Гозба од храна која треба да се фрли

Во Регенсбург група студенти била запрепастена колку многу храна се фрла. Така се родила идејата за заедничка гозба за 60 луѓе од храната предвидена за во ѓубре. Во меѓувреме гозбата се одржува редовно еднаш неделно.

Директно од тавата на маса - вистинска гозба за регенсбуршките студенти. Состојките за ова мени не се купени во продавница, тие беа предвидени за во ѓубре, свежо, беспрекорно овошје и зеленчук.

Секоја година во Германија се фрлаат околу 11 милиони тони прехранбени производи. Голем дел од намирниците кои во сабота ќе останат непродадени, атпо затворањето на продавниците, завршува во смет. Зашто, веќе во понеделник стигнува новата пратка.

Каро, Ања и Северин не сакаа да се помират со ова расипништво, па ја основаа „Кујната за сите“, заеднички проект. Студентите припаѓаат на движењето „Градот во екот на промена“, кое има светски размери и се залага за зачувување на природната средина и подобро користење на стоките. Во сабота навечер тргнуваат да собираат прехранбени производи кои никој веќе не ги купува. Се‘ што ставаат во торбите, добиваат бесплатно. Следниот ден од тоа ќе подготват заедничка гозба, мени со повеќе јадења.

Каролин Гутман, една од соосновачите на „Кујната за сите“ раскажува:

„Уште на почетокот бев импресионирана од количествата кои се собираат-полна маса храна. Секогаш можеме да подготвиме јадење за 60 луѓе, навистина е поучно кога ќе се види колку многу храна се фрла“.

Во недела попладне Културниот центар во Регенсбург се претвора во „Кујна за сите“. Под мотото „Заедничко готвење и уживање“ хоби-готвачите подготвуваат јадење од донесените бесплатни производи. Никој не знае однапред што ќе стигне на масата на крајот.

„Ние готвиме релативно спонтано. Секој има понекоја идеја што се‘ може да се направи од производите. Добиваме пред се‘ зеленчук и поради тоа речиси секогаш имаме за јадење тава пржен зеленчук или супа“, вели Каролин.

Во шест попладне почнува гозбата. Чорба од зеленчук, сос од модри патлиџани, салата од цвекло. Овде се гостат околу 40 луѓе. Секој е добредојден, се‘ додека има јадење. Важно е, сето да се изеде.

„Секогаш е многу вкусно, а убаво е да се јаде вака заеднички“, признава една студентка.

„Ова е тотално шарено. Се‘ што досега сум пробала беше многу вкусно. А навистина е убаво кога покрај тебе седи некој кого се‘уште не го познаваш, па ќе го запознаеш, да се седи на ваква огромна трпеза“, дополнува друга.

„Кујна за сите“ е спас за нерасипаните прехранбени производи од фрлање и заштеда за паричникот на студентите.