1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Годишнина од смртта на Трајковски

Македонија денеска одбележува осум години од смртта на вториот претседател по прогласувањето на независноста, Борис Трајковски, кој на 26-ти февруари 2004 година загина во авионска несреќа во Босна и Херцеговина.

default

Борис Трајковски

По тој повод, во Ротимље, на местото на падот на авионот, цвеќе ќе положи делегација предводена од министерот за одбрана Фатмир Бесими, а во чиј состав се и министрите за образование и наука Панче Кралев, генерал-мајор Зоран Димов и Мирко Крстевски, преставник од семејствата на загинатите. Во Скопје почит на Трајковски ќе му биде оддадена на неговото вечно почивалиште во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел", каде ќе присуствува собраниска делегација, предводена од потпретседателот Светлана Јакимовска и владина делегација во состав Владимир Пешевски, Ваљон Сарачини, Никола Тодоров и Елизабета Канческа Милевска. Почит ќе биде оддадена и на загинатите членови на делегацијата што патуваа со претседателот Трајковски: Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Анита Кришан Лозановска, Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Претседателот Борис Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година во Моноспитово, Струмица. Избран е за претседател во 1999 година, каде на функцијата го наследува првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Загина во авионска несреќа што се случи утрото на 26 февруари 2004 година кај Ротимље, во Босна и Херцеговина, истиот ден кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски отпатува за Даблин, Ирска со цел да ја поднесе апликацијата на Република Македонија за членство во Европската Унија.

Автор: БГ/макфакс

Редактор: Е.М. Фиданоска

Поврзана содржина