1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Година на одлука- Германија избира

Ангела Меркел на есен сака по трет пат да ја освои канцеларската фотелја. Таа е омилена меѓу Германците, и е во предност пред социјалдемократот Пер Штајнбрик кој неспретно ја започна канцеларската трка. Меѓутоа...

Фотелји кои многумина ги посакуваат. Не само оти се сини и удобни, туку дека тоа се седиштата во Бундестагот Во моментов тие се јасно поделени, но годинава може се’ да се смени. По изборите на есен, некои повторно ќе седнат на сините фотелји, а некои ќе мораат да им ги отстапат на други. Ангела Меркел сака да остане на своето место, сосем напред во владиниот ред. Фотелјата се обидува да и‘ ја одземе Пер Штајнбрик, кандидатот за германски канцелар од Социјалдемократската партија. Демохристијаните против социјалдемократите. Меркел против Штајнбрик. Канцеларката во изминатиов период не штеди пофални зборови за актуелната владина коалиција меѓу нејзината ЦДУ потоа Христијанско социјалната унија (ЦСУ) и Либералната партија (ФДП).

„Демохристијанско- либералната влада предводена од ЦДУ е најуспешната влада од повторното обединување на Германија, бидејќи со најмала стапка на невработеност од 1990 година и со најголем процент на вработени во историјата, им обезбеди работни места и сигурност на милони луѓе .“

Меркел попопуларна од ЦДУ

Angela Merkel am 21.01.2013

Ангела Меркел

Се разбира Штајнбрик се обидува да контрира со остра критика за владата. „Парламентарните избори ќе ги претвориме во расправа за социјалната политика на партиите на унијата. Наместо минимални плати бараме законски пропишана минимална дневница, наместо намалена плата и бегање од колективни договори бараме квалитетното работење чесно да се плати. Наместо пензии за 10- 20 евра повисоки од егзистенционалниот минимум, бараме минимална пензија на солидарна основа која ќе ги заштити пензионерите од сиромаштија“.

Едно е сигурно: таа расправа ќе биде возбудлива, меѓу другото и поради тоа што Меркел и Штајнбрик се потполно различни карактери. Рихарт Хилмер од анкетената агенција Инфратест димап вели: „Штајнбрук сосема сигурно ќе стави акцент на содржината, тој сака да ги заострува работите и прецизно се изразува, па на избирачите ќе знае точно да им објасни помеѓу што избираат кај овие двете големи партии, додека Меркел сигурно ќе се обиде да ја истакне својата улога на кризна менаџерка.“

Ангела Меркел се профилираше во еврокризата.
Таа е најмоќната жена во Европа и една од најважните политичарки во светот. Германците и‘ веруваат, а всушност таа на тоа и се надева. Нејзината партија, ЦДУ, целосно полага надеж во популарноста на Меркел.

„Чувствуваме дека има голема поддршка од народот за начинот со кој владее со нашата земја и ја претставува во Европа. Тоа е воедно и нашата порака. Оној кој сака Меркел да продолжи успешно да работи, мора да гласа за нејзината партија.“, вели Херман Грехе, генерален секретар на ЦДУ.

Германците сакаат континуитет на канцеларската функција

Но, проблемот е во тоа што ниту една од овие големи партии не може сама да дојде на власт. Потребен им е коалициски партнер. За социјалдемократите тоа е Партијата на зелените која е веќе со месеци е во залет.

„Нам ни е важно да добиеме мнозинство за поинаква политика во оваа земја, за праведност која нема да ги продлабочува општествените поделби. Затоа ни е потребна силната Партија на зелените и многу, многу добар резултат на изборите кои ќе ни овозможат да формираме влада со социјалдемократите“, вели Клаудија Рот од партијата на зелените.

Niedersachsen Landtagswahl 2013 Kanzlerkandidat Peer Steinbrück Göttingen Wahlkampf SPD Deutschland

Пер Штајнбрик

Силни зелени, слаби либерали. Партијата на либералите, коалицискиот партнер на канцеларката Меркел, можеби повеќе не е сигурен партер за освојување на мнозинство. Според анкетите ФДП нема да влезе во парламентот.
Актуелните покраински избори во Долна Саксонија ќе бидат важен тест за либералите . Генералниот секретар на ФДП, Патрик Геринг истакнува:

„Ние на почетокот на годината во која се одржуваат парламентарни избори сакаме да покажеме дека коалицијата на Христијанската унија и ФДП може повторно да добие доверба од народот и да победи на изборите. “

Изборите во Германија годинава се вртат околу истото прашање: ќе остане ли сегашната коалиција на власт или ќе ја замени некоја друга?

„Нема јасно изразено расположение за промена, како што беше случај, на пример, во 1998. кога се’ навестуваше промена на власта. По 16 години граѓаните едноставно се заситија од канцеларот Хелмут Кол и демохристијанско- либералната влада, а тоа го покажаа и резултатите на изборите. Овој пат работите се изразено амбивалентни“, вели Рихард Хилмер од агенцијата Инфратест димап.
На канцеларската функција мнозинството Германци сака континуитет, значи Ангела Меркел. Нејзиниот предизвикувач Штајнбрик ќе има тешка задача против канцеларката. Сето говори дека ова ќе биде возбудлива политичка година во Германија.