1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Година на битка за преживување

Македонија во 2013-та година влегува во тешка битка за економско преживување и за демократско консолидирање, оценуваат економисти и аналитичари.

Со тежок багаж на длабока политичка криза, кредитна зависност, но и со надеж дека ќе се оствари усвоената владина проекција за раст на БДП од 2 отсто и стапка на раст на инфлацијата од 3,5 отсто, Македонија почнува да го „троши“ календарот на 2013-та година.

На што се должи владиниот оптимизам дека новата година економски ќе биде подобра од претходната? Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија (НБРМ), вели дека прогнозите се базираат, пред се’, на ефектите од почетокот со работа на неколку нови компании во слободните економски зони и на јавните инвестиции.

Mazedonien Land und Leute

Петар Гошев

„Најголеми ризици на ова надежно сценарио се можното продолжување на економската рецесија во Европа, што негативно би влијаело врз странска побарувачка за производите од Македонија, второ- неостварувањето на проекциите за капитални приливи од проектираните странски директни инвестиции и трето - актуелниот конфликт меѓу власта и опозицијата кој се заканува да одлее голем дел од продуктивноста на општеството“, анализира Гошев.

Тој потсетува дека и пред почетокот на институционалната криза во Македонија, Светска банка соопшти скромна проекција за раст на економијата во земјата од 1 отсто. „Имајќи ја предвид огромната стапка на невработеност од 30,6 отсто и на сиромаштија од 30,4 отсто, 2013-та ќе биде повеќе година на битка за преживување отколку на раст и развој“, прогнозира Гошев.

Ваквата оценка ја дополнува и фактот дека Владата е влезена во циклус на кредитна зависност од која нема да може да излезе без политички и економски последици. Веќе во јануари достасуваат за отплата дома и во странство околу 300 милиони евра.

Петта година во криза

Според Никола Поповски, поранешен министер за финансии, економскиот багаж со кој Македонија влегува во 2013-та е претежок.

Nikola Popovski

Никола Поповски

„Кризата која се провлекува низ економијата веќе петта година, донесе и други негативни тенденции. Релативно високиот раст на цените на храната, енергенсите и на услугите во комбинација со одржувањето на платите на истото номинално ниво, значително го намали стандардот и ја доведе до раб егзистенцијалната издржливост на голем број домаќинства. Растот на јавниот долг од над 30 отсто од БДП, кој е проследен со неисплатени обврски на Владата кон компаниите, кај стручните кругови внесе сомнеж дека власта го прикрива податокот дека долгот ја надминал границата од 40 отсто од БДП и дека се движи кон опасната зона на висок јавен долг. Краткорочното задолжување на домашниот пазар се искачи над 7 отсто од БДП и го оптоварува буџетот со високи трошоци за камати. Индустриското производство и извозот се намалени за околу 8 и 10 отсто, што го задржа дефицитот во трговскиот биланс на многу високо ниво - околу 25 отсто од БДП“, констатира Поповски.

Посочените перформанси се лоша претпоставка за развојот на економијата, бидејќи тој ќе биде детерминиран и со намалена побарувачка на македонски производи на европските пазари и со растечки фискални дефицити во услови на неликвидност на македонските компании. Според економистите, во такви околности не може да се очекува раст на економијата кој би довел до пад на невработеноста и сиромаштијата.

Американски или европски медијатор?

Flagge USA EU Symbolbild

Но, кој да мисли на економијата, кога Македонија влезе во институционална криза и голема политичка неизвесност, откако опозицијата реши да не се враќа во Собранието, од кое минатата недела беше насилно исфрлена. Во 2013 година во прашање ќе биде доведено и чувството за легитимитет на сите наредни одлуки што Собранието ќе ги донесе во отсуство на опозицијата, поради нарушената структура на законодавниот дом. Но, тоа не е единствениот проблем. За една недела во Скопје доаѓа и медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц. Прашањето е како би можело да се бара решение за еден тежок билатерален спор, во услови кога нема ни елементарни предуслови за внатрешна комуникација меѓу власта и опозицијата.

„Голем проблем е што во моментов нема авторитет во Македонија кој би можел да собере на иста маса политичките опоненти. А без демократија, без слободни медиуми, без дијалог и без заеднички решенија не можеме да очекуваме дека ќе имаме реални шанси за нашите евроинтеграции“, оценува професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски.

Претставници на меѓународната заедница се обидуваат да посредуваат за надминување на внатрешната криза, но како што дознава Дојче веле, дел од политичките субјекти во Македонија преферирале американско, а другите европско посредништво. Со заднински конфронтации и по тоа прашање, се чини дека Македонија влегува во најтешката фаза од нејзината современа историја, според аналитичарите, потешка дури и од периодот на конфликтот во 2001 година. Како предуслов за спречување интраетнички конфикт од пошироки размери, тие апелираат власта да се врати во демократски колосек, а опозицијата во парламентот. Само така во Македонија ќе надвладее разумот и на левицата и на десницата, а не од радикализмот од улицата.

Поврзана содржина