1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Годинава повеќе пари за божиќни подароци

Во Германија веќе почна одбројувањето до Божик, а во подготовките на прво место е купувањето подароци. И покрај кризата, Германците купуваат повеќе од порано, а трговците се задоволни.

Под елките во Германија оваа година ќе има многу повеќе подароци од порано. Секој Германец просечно за подароци ќе одделни 230 евра, 17 повеќе отколку лани, гласи резултатот од истражувањето на агенцијата Ернст енд Јанг. Германците годинава се посебно расположени за трошење пари, вели Томас Хармс, експерт од агенцијата.

Особено паровите без деца се подготвени да издвојат повеќе пари за подароци. Ако се суди според староста на купувачите, тогаш граѓаните во „најдобри години“, значи меѓу 45 и 60 години, се најрасположени за купување.

Не трошат сите повеќе од порано

И покрај претходните верувања, потрошувачите меѓу 36 и 45 години не се толку посготвени да го одврзат ќесето. Тие годинава ќе одделат 11 евра помалку за подароци отколку лани, што и не е големо изненадување, зашто тие се први на ударот на падот на економијата. Тие чувствително реагираат на најавите за можна економска криза, вели Хармс. Тоа што касите во стоковните куќи ќе бидат пополни, потсетува на фактот што 41 милион луѓе во Германија имаат работа. А тоа е рекорден број вработени од обединувањето на Германија досега. Должничката криза која го тресе остатокот од Европа по се‘ судејќи ја нема зафатено Германија.

Од книги, до облека и играчки

Германците при купувањето подароци обрнуваат внимание на квалитетот на производот, но и на советите на трговците. Најомилени божиќни подароци се‘ уште се книгите, потоа следува облека и играчки. Расте интересот и за купување музички компакт дискови. Хит е и купувањето купон на одредена сума пари, со која оној кој го добива може самиот да си одбере производ во одредена продавница.

Истражувањето покажува и пораст на продажбата преку интернет - речиси една третина од божиќните подароци се купува онлајн, тврди Хармс. Се очекува годинава вкупниот обрт од продажбата на божиќни подароци да изнесува повеќе од 80 милијарди евра. Трговците веќе сега задоволно ги тријат рацете.