1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Говор на омраза во Бугарија – од трибините до медиумите

Расисистичкото навивање на бугарските фудбалски фанови на стадионите воопшто не е реткост. Затоа бугарскиот фудбалски сојуз мораше минатиот декември да плати казна од дури 40 000 евра.

default

Бугарски фудбалски хулигани со десноекстремистички симбол

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) со тоа казни за инцидентот во Софија за време на квалфикацискиот натпревар меѓу Англија и Бугарија за европскиот шампионат. На стадионот можеа сосема очигледно да се слушнат навредливи пеења на фановите против двајца гостински играчи со темна кожа.

Расизам, а не некаков жаргон

Говорот на омраза од трибините со фанови се всели и во медиумите. Минатата недела „7 дена спорт“, еден од најголемите бугарски спортски весници, објави текст за новите донесени играчи во првата фудбалска лига. Насловот гласеше „Нов влез за ЦСКА Софија: еден Италијанец, еден Швеѓанец и две црнотии“.

„Насловот е апсурден и расистички“, критикуваше правовремено бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права во отворено писмо до весникот. Во организацијата за човекови права пристигнале стотици поплаки. Хелсиншкиот комитет побара од весникот да го промени насловот на интернет, како и да објави писмено извинување во следното печатено издание.

Но, главниот уредник на „7 дена спорт“ Јулиј Москов ги отфрла сите критики од себе. Насловот воопшто не бил расистички, тврдеше тој за медиумите. „Зборот (црнотија) е несоодветен, бидејќи се работи за уличен говор“, рече Москов и жали што со тоа се вознемириле читателите.

Screenshot bulgarische Sportzeitung 7 Tage Sport

Скандалозниот наслов се’ уште може да се најде на интернет

Случај за на суд

„Тоа е расистички мотивирана навреда. Насловот содржи презир, омраза и нетолеранција“, нагласи Красимир Канев, претседател на бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права во разговор за Дојче веле.

„Треба ли ова да биде начин на кој се поздравуваат луѓе, пред да стапнат со нозе на бугарска земја?“, праша Канев. Двајца африкански играчи, од Камерун и Мали, да се ословуваат со „црнотија“ е незамисливо за едно демократско општество. Освен тоа, тука има и повреда на законот за заштита од дискриминација. Во случај весникот за тоа да не се извини, ќе мораат новинарите и уредниците да одговараат пред комисијата за заштита од дискирминација, забележува Канев.

Насловот и’ противречи не само на новинарската етика, туку поведува и на омраза врз расна основа и дискриминација, согласни се и претставниците од „Асоцијацијата на европски новинари – Бугарија“. Тие го повикуваат државниот обвинител да постапи по случајот. Според законот за заштита од дискриминација, паричната казна изнесува до 1.000 евра, а постојат и потешки казни. Исто така, и бугарскиот јавен правобранител се обрати до државниот обвинител со слично барање.

Ashley Young Manchester United

Расистичкото скандирање беше насочено и кон Ешли Јанг

„Не знам како државниот обвинител ќе реагира, но малку сум скептичен, бидејќи е малку неискусен во покренувањето и казнувањето на такви престапи“, забележува Канев. Освен тоа, искуството на Хелсиншкиот комитет во соработката со државниот обвинител е лошо. „Затоа не мислам дека овој пат нешто ќе се направи“, додава Канев.

Ако бугарските судови неадекватно пресудат во случајот, Канев не исклучува да покрене тужба во врска со оваа работа пред Европскиот суд за човекови права.

Дискутабилна уредувачка политика

Во критиките поради текстот мора исто така да се вклучи и авторот Симеон Кичуков. На Твитер го доби гневот што го чувствуваат корисниците. Кичуков изјави дека со сигурност не би толерирал расизам, бидејќи еден од неговите најдобри пријатели потекнува од Танзанија. Како автор секако дека сноси дел од одговорноста, но изборот на зборови во насловот бил одлука на редакцијата. „Весникот едноставно има своја уредувачка политика и новинарите, кои таму работат, мораат да ја следат“, напиша тој на Твитер.

А, спорниот збор „црнотија“ често се користел во весникот „7 дена спорт“, кога се известувало за црномурести спортисти. Но, за прв пат си дозволила редакцијата да го објави тој збор на насловната страница. Во меѓувреме, насловот на текстот објавен на интернет е променет и гласи „Удинезе праќа Италијанец, Камерунец, Швеѓанец и Малиец во Софија“. Но, во интернет архивата на весникот скандалозниот наслов може се’ уште да се прочита.

Автор: Благородна Григорова / Викторија Иванова / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски

Поврзана содржина