1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Говор на Буш во ОН

И покрај незадоволството од завршниот документ за самитот на државниците од светот, германскиот министер Хајдемари Вичорек-Цојл наоѓа и позитивни аспекти

Буш на говорницата во ОН

Буш на говорницата во ОН

Џорџ Буш 20-минутниот говор го започна со искажување благодарност за помошта што ја испратиле 115 земји и 12 хуманитарни организации за настраданите од катастрофата предизвикана од ураганот „Катрина“. Кога е здружен, светот е подобро место, констатира американскиот претседател.

Тој потоа изрично се определи за основачките идеали на ОН, за обезбедување на мирот, како и за милениумските цели, кои предвидуваат преполовување на гладот и сиромаштијата во светот до 2015-та година. „Ние ќе се бориме за да биде симнат товарот на сиромаштијата од оние што страдаат, и тоа не само привремено, туку трајно. Најсигурен пат за поголема благосостојба е зголемена трговија“.

Буш побара успешен крај на преговорите во Светската трговска организација, за да им се отворат нови пазари на земјите во развој и понуди отстранување на сите царински и трговсаки бариери од американска страна, под предуслов и другите земји да го следат тој пат.

Буш се задржа и на борбата против меѓународниот терор: „Мораме да ги победиме терористите на бојното поле и во борбата на идеите. Мораме да го промениме околностите кои го поттикнуваат теророт и врбувањето терористи. Тоа ќе го сториме со ширење на идејата за слобода каде што таа досега беше непозната“. Како пример Буш го наведе Ирак, чиј успех во создавањето демократски односи бил од значење не само за регионот, туку и за целиот свет.

Американскиот претседател ги повика ОН на сузбивање на корупцијата, на грижлив однос спрема сопствените ресурси и на поголема афикасност и контрола. Тој искажа остра критика на работата на досегашната Комисија за човекови права. За разлика од минатите години, овој пат говорот на Буш беше поздравен со пријателски аплауз.

Милениумските цели сепак не се отфрлени

Своевидност на самитите на државниците е што резултатот е однапред познат. Завршниот документ за оваа средба, подготвен во последен момент по повеќемесечни жилави преговори, наиде на критики од повеќе страни. Германскиот министер за развојна помош Хајдемари Вичорек-Цојл, која ја предводи делегацијата на самитот, документот го оценува како супстанцијален, а препораката до 2015-та година во индустриските земји да се зголеми издвојувањето за развојна помош на 0,7 насто од годишниот национален производ, ја смета за голем успех бидејќи САД воопшто не сакаа таа цел да биде спомната во завршниот документ.

„ЕУ го закотви својот Акционен план за остварување на целта од 0,7 насто со повикување на овој самит. Сега повикот оди и до сите други донатори да се приклучат. Истото важи и за отпишувањето на долговите. Таму и во предигра веќе нешто се придвижи и сега мора да се надоврземе на тоа“ - рече Вичорек-Цојл. Таа искажа жалење дека во завршниот документ не е спомнато атомското разоружување и во овој контекст укажа оти годишно во светот се трошат илјада милијарди долари за армиите и нивното вооружување и опремување – половината од тоа во САД, додека севкупната јавна развојна помош изнесува само 78 милијарди.

И генералниот секретар на ОН Кофи Анан искажа жалење поради исклучувањето на многу важни теми од завршниот документ: „Ние се’ уште не постигнавме фундаментална реформа за која јас и многумима други сметаме дека е неопходна. Одговорни за тоа се силните, делумно супстанцијални и секако легитимни разлики во гледиштата“.

Д. Шешкевиц - Р. Венкел / З. Јордановски