1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Говорот на омраза раѓа насилство

Говорот на омраза е широко распространет во македонските медиуми и на социјалните мрежи и се користи најмногу за пресметка со политичките противници. Секојдневието полно со омраза го поплочува патот кон насилството.

„Гнасна Шиптарка. Мрш од каде што си дошла, терористу еден, ова е христијанска земја“. Ова се зборовите кои студентката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сумеја Адеми (19) ги слушнала за себе пред месец и половина на сред плоштадот во Скопје. Таа се шетала со својата пријателка, како што вели Македонка-христијанка, кога одеднаш тројца млади средношколци, едно девојче и две момчиња освен што вербално ја нападнале, се обиделе и физички да и ја тргнат шамијата која ја носела на главата.

„Настана мешаница и девојчето тргна кон мене да ми ја тргне шамијата, но за среќа мојата другарка ја забележa и ја спречи да направи што било. На крај ние се повлековме, а тие останаа позади нас да извикуваат:  „Марш од каде што си дошла, терористу еден, ова е христијанска земја". Секако тукa беа присутни многу луѓе, но никој од нив  не се обиде да се вмеша и да ги спречи младите да престанат да не навредуваат“, вели Сумеја за Дојче веле.

Раскажува дека нападот направил да се чувствува страшно и како странец во својата земја. „Нема никогаш да дозволам тоа моментално чувство да влијае врз моите односи со моите другари и другарки кои и да се и што и да се. Ние сме посилни од било каков вид на верски или национален радикализам. Ние сме граѓанската опција. Ние сме иднината на оваа земја. Тоа на сите нека им биде јасно“, порачува Сумеја.

Таа е убедена дека е жртва на влијанието на телевизиите и онлајн медиумите кои до крајност ја вжештија атмосферата во Македонија.

„Верувам дека физичкиот напад врз мене и навредите кои ми беа упатени пред сѐ на верска основа се резултат на негативните настапи на телевизиските екрани од страна на некои идеолози на омразата што постојано им го перат мозокот на младите  ‘патриоти' “, додава Сумеја.

Медиумите затруени со омраза и повици за насилство

Сервисот за проверка на факти во медиумите открива говор на омраза на секои две недели, додека национална верска, полова, социјална и политичка дискриминација на секои десетина дена, вели за Дојче веле, Владимир Петрески уредник на овој сервис. Но она што е уште пострашно според него е што се среќаваат и отворени повици на насилство на секои две и пол недели во просек.

„Со засиленото разгорување на политичката криза во текот и после изборите во декември лани, особено се засили говорот на омраза на етничка основа и тоа со повикување на војна. Ако порано не беше проблем да се пренесуваат јавни говори во кои се велеше дека, на пример, лидерот на опозицијата треба да се фрли во Вардар, затоа што е предавник или ако во некој текст се врши карактерен атентат врз критички новинар заради неговата про-европска ориентација или критички осврт кон власта, или, пак, некоја колешка да се прогласи за проститутка, сега веќе се среќаваме со отворени повици на војна, кои се состојат од барања за заземања територии и прецртување на границите“, вели Петрески.

Според него, најзагрижувачки тренд е што со помош на традиционалните медиуми, омразата се пренесува на социјалните мрежи, каде оние кои ја шират се похрабри, но и доаѓањето до правни санкции е потешко.

„Состојбата е толку лоша што отворено се објавуваат адреси на критички новинари и интелектуалци, во надеж дека некој ќе се осмели да ги нападне дома. Се објавуваат потерници по опозициските пратеници, in memoriam известувања за западните амбасадори, отворени повици за напад на критичките интелектуалци со нивна фотографија и текст со зборовите „ако го видите ова лице знаете што треба да направите“, па дури и отворени закани за убиство врз американскиот амбасадор на кому му се вели дека ќе му се случи Бенгази, односно дека ќе му се повтори судбината на американскиот амбасадор во Либија кој беше убиен од екстремисти во Бенгази“, вели Петрески.

Лура Положани, докторанд и асистент на Универзитетот во Грац вели дека тоа што не се опоменува говорот на омраза на јавните личности и не се спроведува законот, само ја зацврстува мислата дека овој говор е сосема прифатлив. Според неа, омразата која се изразува онлајн е ризична затоа што нема никакви граници, и често е анонимна и со тоа тешко казнива.

„Кога омразата се гледа како легитимна и нормална работа, тогаш ризикот е евидентен, особено во мултикултурни општества каква што е Македонија.

Говорот на омраза е законски казнив

И покрај тоа што во македонското законодавство не постои дефиниција за говорот од омраза, Крвичниот законик предвидува санкции за говор насочен против личните карактеристики или припадноста на одредено лице на одредена група или заедница, вели Воислав Стојановски, правен експерт во Хелсиншкиот Комитет за човекови права.

„Како заштитени карактеристики се сметаат полот, расата, бојатата на кожа, родот, припадноста на маргинализирана група, етничката припадност, јазикот, државјанството, религијата или верското уверување, менталната или телесната попреченост, политичката припадност итн. Казнив е секој директен или индиректен говор (на пр. испишување на навредливи симболи, графити, цртежи, палење на знамиња или верски симболи, делење на летоци со содржина која поттикнува омраза итн.) што предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, вели Стојановски. Според него, забрането е и оправдувањето на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства. Говорот може да премине во кривично дело и доколку со него се загрозува сигурноста по пат на информатички систем, се шират идеи за ксенофобија, или се поттикнува расна дискриминација.

Хелсиншкиот комитет, регистрираше дека делата од омраза се интензивираа откако партијата ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство пратеници за формирање на влада.

Само во февруари биле забележани 17 кривични дела од омраза, најчесто поради различната партиска или етничка припадност. Инцидентите освен вербални закани и напади вклучуваат каменување на автобус, групни тепачки, но и сериозни напади со ладно оружје.

 

DW.COM