1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Говори за Европа“ во одбрана на фундаментите на ЕУ

Фондацијата Алијанц во Келн ја започна годинешната низа меѓународни дебати „Говори за Европа“ на која претседателот на ЕП Мартин Шулц ја повика Европа заеднички да ги зачува демократските придобивки.

Дали демократијата е во опасност? Како актуелната криза ги тресе фундаментите на Европа? Овие прашања ги постави Алијанц-фондацијата за првата годинешна меѓународна дебата „Говори за Европа“, на која во Историското Собрание на Келн дебатираа претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, уставниот судија Сузане Бер и писателот Навид Кермани.

„Се чини дека ЕУ во моментов се наоѓа во еден вид перманентна вонредна состојба. Доброто притоа е што сега на маса се ставаат критичните прашања“, констатираше на почетокот претседателот на управниот одбор на Алијанц-фондацијата Хенинг Шулте Ноле.

За да се надмине оваа акутна опасност за европскиот проект претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, во својот говор на почетокот на манифестацијата, ја повика Европа на заедништво.

Martin Schulz Präsident Europäisches Parlament Plenarsitzung Straßburg Frankreich

Мартин Шулц

„Да, закана постои за целата Европска унија, не само за демократијата“, рече Шулц и подвлече: „Никогаш досега согласноста за европскиот проект не била толку мала, како што тоа денес е случај и тоа во сите земји на ЕУ, исто така и во Германија“. Во јужните европски земји „Европската унија се сфаќа дури како анонимна окупаторска сила, која луѓето ги оптоварува со тежина, која не се подготвени да ја сносат“, предупреди Шулц. Од друга страна, повеќе од 90 проценти од граѓаните на Европа стојат зад основната идеја врз која се темели Унијата, „имено дека државите и народите, надвор од границите си поставуваат заеднички органи како рамка во која нивните различни интереси и нивните различни специфични национални услови можат да ги избалансираат меѓу себе со фер компромис и со општествената сила подобро да одговорат на предизвиците на времето“. Проблемот меѓутоа е во тоа што се’ повеќе луѓе оваа идеја повеќе не ја поврзуваат со Европската унија, оценува Шулц. Затоа е потребно да се поврати довербата на граѓаните во институциите на Европа, смета Шулц.

И писателот Навид Кермани во дебатата која следуваше пред повеќе стотици граѓани во Келн се заложи за заедничка, слободна и либерална Европа, Европа која нуди еднакви шанси за своите граѓани: „Европа за мене не ја заменува националната држава, туку, така да се каже, ја намалува опасноста од конфликтите меѓу националните држави и води до тоа тие национални држави подемократски подобро да соработуваат.“ Кермани, меѓутоа, оценува дека одговорноста не треба да се префрлува само на владите и политичарите. Тој критикува дека едноставно во Европа нема општествено движење кое ќе се заложи за ваквите промени.

За визите за Европа на иднината уставниот судија Сузане Бер, пак, изрази оптимизам: „Една од силните страни на Европа е тоа што свириме на многу клавијатури и постојано мора да се будат тие различни бури воодушевување за единство меѓу различието“, вели Бер. Според неа, погрешно е да се чека на еден рецепт за Европа, Европа живее од мноштвото одговори, економски, релизгиозни или социјални, се’ додека се базираат врз слободата, социјалната праведност и постојана размена и дискусија.

За овие основни вреднсоти врз кои се темели Европа да може да продолжат да живеат и да се надмине опасноста по демократијата на стариот континет, на Европа не и‘ се потребни само дебати за иднината, оти за да остане функционална треба сега да се преземат конкретни мерки, уверен е претседателот на ЕП, Шулц: „Со оглед на кризата и социјалните аномалии за кои зборуваме, не можеме постојано да дискутираме за тоа како Европа ќе изгледа за 20 години. Ние сега мораме да најдеме решение за економската нерамнотежа во еврозоната, бидејќи во поинаков случај, кога и да е, ќе пропадне. Ние сега мораме да најдеме решение за тоа како да ги регулираме нерегулираните финансиски пазари, бидејќи мислам дека казино-капитализмот во кој живееме ќе уништи цели економии.“

Манифестацијата „Говори за Европа“ се одржува од 2006 година во различни градови на стариот континент за европски теми, прашања и дилеми околу кои се кршат копјата во процесот на европското обединување. Покрај Келн годинава домаќини да дебатите за Европа ќе бидат и Лондон, Букурешт и Берлин.