1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гневот на „Денот на гневот“ се излеа на улиците

„Денот на гневот“ во Ерусалим заврши со улични борби на милитантни Палестинци и израелската полиција. На протести повика радикално-исламистичкиот Хамас откако во стариот дел на градот беше осветена реставрирана синагога.

default

Нема да престане градењето во источниот дел на Ерусалим, нагласуваат Израелците

Денот на протести на кој повика Хамас, во Ерусалим заврши со безредија. Според израелската полиција, милитантни Палестинци фрлале со камења кон силите за безбедност, палеле автомобилски гуми и контејнери. Полицијата реагирала со солзавец и гумени крушуми. Портпарол на израелската полиција изјави дека во состојба на готовност се околу три илјади полицајци. Покрај неколкуте десетини повредени демонстранти, има и двајца повредени полицајци.

На денешниот т.н. „Ден на гневот“ илјадници луѓе излегоа на протести и на улиците на појасот Газа, каде власта ја има Хамас. Според оваа организација која повика на протести, реставрирањето на синагогата во Ерусалим ја загрозува џамијата Ал Акса која се наоѓа во близина. Израел тоа го демантира.

Flash-Galerie Jerusalem Karte

Карта на Ерусалим

Израел остана „ладен“ на барањата на Американците

Денешните безредија уште повеќе ги отежнуваат американските напори за заживување на блискоисточниот мировен процес. Американскиот пратеник за Блискиот исток, Џорџ Мичел ја одложи за денеска закажаната посета на регионот. Израелските медиуми го пренесуваат пишувањето на „Вашингтон пост“, според кое американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон до последен момент инсистирала на формален одговор од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху околу барањето на САД за прекин на изградбата на еврејски населби во арапскиот, источен дел на Ерусалим. Освен тоа, Клинтон од Нетанјаху побарала тој да преговара со претседателот на Палестинците Махмуд Абас околу главните прашања во блискоисточниот конфликт, вклучувајќи го и статусот на Ерусалим.

На ваквите барања на американската влада реагираше шефот на израелската дипломатија Авигдор Либерман. Тој барањето на Вашингтон за запирање на градењето еврејски населби го нарече „бесрамно“: „Нема да прифатиме ситуација во која само на Евреите им е забрането да градат во Ерусалим. Арапите, наспроти тоа, можат не само да градат, туку и да купуваат, а ние не можеме да ги спроведеме судските одлуки што се носат во државата Израел. Не може во главниот град на Израел, во државата Израел, да важат забрани само за Евреите.“

Според Либерман, кризата со Вашингтон ќе помине, зашто ниту Американците, ниту Израелците се заинтересирани за ескалација на прашањето.

Автор: Клеменс Ференкоте / ртре / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска