1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Глобализацијата е пријател и закана

Ако се ползува како моќна „алатка“, глобализацијата може да отвори перспективи за развој на културните идентитети на народите, наместо да биде закана за „бришење“ на нивните културни различности.

Светот се „згуснува“ се‘ позабрзано во просторот и времето, како последица на глобализацијата. Диктирана од светските центри на моќта и глобалните индустриски и други корпорации, таа може да се сфати како реална закана за културните идентитети на одделните народи и етнички групи, за униформно „претопување“ и „бришење“ на нивните културни различности. Во ист момент таа претставува и „непрегледен океан“ со можности за развој на националните и културните идентитети особено на „малите“ нации.

Како гледаат теоретичарите на глобализацијата на дилемите: Дали е таа пријател, или противник на културната разноличност и на меѓукултурниот дијалог во светот? Дали глобализацијата е забрзување на тенденцијата кон еднообразност, или едновремено таа и ги збогатува постојните културни идентитети низ заемната интеракција?

„Американци, оставете не‘ да живееме со своите културни различности!“

Д-р Ѓорѓе Младеновски, професор по културна антропологија и теорија на етницитетот и идентитетот од Државниот универзитет во Скопје, вели:

Symbolbild Weltfrieden Globalisierung

Глобализацијата предизвикува страв поради губењето на идентитетот на општеството, вели професор Младеновски

„Глобализацијата ги интегрира општествата, ги хомогенизира идеите, верувањата и животните стилови. Но, од друга страна, таа ја охрабрува разнообразноста и го диверзификува општеството. Глобализацијата предизвикува страв поради губењето на идентитетот на општеството, провоцира културен отпор и стимулира повторно откривање на ендогените традиции, за да се поткрепат барањата за чувството на разлика. Глобализацијата е пријател на културната разновидност, затоа што ги поттикнува тие разлики и доведува до нови разновидности. Но, од друга страна, го обединува светот и го прави единствено место за живеење.“

Д-р Викторија Кафеџиска, професорка по политика и нови медиуми во Европскиот универзитет во Скопје, коментира:

Viktorija Kafedziska

Викторија Кафеџиска, професор на Европскиот универзитет

„Токму од аспект на културата концептот за глобализација е значително спорен, затоа што таа се‘ почесто се доживува како ’американизација’, како напор на САД да ја наметнат својата доминација и своите вредносни норми и ставови. Тоа е особено алармантно за така наречените ’мали култури’. Благодарение на глобалната економија и глобалните комуникации, таа станува колективен модел на живот и не е тешко да се согледа темелот на новиот современ облик на колонијализам - културниот империјализам. Процесите на глобализација силно ги мотивираа оние, кои во овие тенденции препознаа опасност за националниот идентитет и во Европа се‘ повеќе движења се обединуваат под барањето 'Американците да не‘ остават да живееме со сите наши културни различности'.“

„Живееме во свет на конверзација на културите“

Младеновски се надоврзува:

„Нациите најмногу се плашат дека глобализацијата ќе го загрози нивниот идентитет, нивното чувство на различност од другите. Тој страв е издржан: глобализацијата, тоа глобално реструктурирање, води кон нова конфигурација на идентитетите. Идентитетот не е статичен, туку динамичен, се конструира низ секојдневна интеракција на припадниците на една култура со други култури. Глобализацијата е тесно поврзана со хибридизацијата, односно, создавањето нови културни обрасци, нови културни практики низ контактите меѓу културите и нивното мешање. Живееме во свет на 'конверзација на културите'. “

Кафеџиска напоменува:

Weltkarte für Language Selector Akademie

Културните средби на народите создаваат нови и продуктивни видови на културна фузија и културни хибриди

„Повторно заживеаните нации си го бараат своето место во новиот глобален свет. Во оваа ера можеме да ги почитуваме туѓите културни вредности, но, негувајќи ги и сопствените вредности. Ако ги заборавиме своите корени и ако ги прифатиме само наметнатите вредности, тогаш доаѓа до суптилна асимилација. Културните средби на народите создаваат нови и продуктивни видови на културна фузија и културни хибриди. Некои на ваквите процеси гледаат како на развој на ’космополитска култура’. За други тоа е културна хомогенизација, што ги поткопува националните специфичности, а со тоа и националните идентитети.“

Се‘ на се‘, глобализацискиот развоен мегатренд ја нуди својата огромна моќ и за опстој и надградба, особено на националните и културните идентитети посебно на македонскиот и другите „мали народи“, преку креативно вклучување во светската мрежа на глобални меѓузависности, умешно спротивставувајќи им се на униформноста и „културниот империјализам“.