1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гласот на обичниот човек

Од денеска (25.01.2010) до 29 јануари во Бразил се одбележуваат 10 години постоење на Светскиот социјален форум, кој почна во 2001 година во Порто Алегре. Форумот мобилизира стотици илјади луѓе, но сепак е во криза.

default

Против светската глобализација

„Поинаков свет е можен, само ако сакаме“ - гласи слоганот на Светскиот социјален форум. Свет во кој глас добиваат и обичните луѓе, оние што немаат татковина, синдикатите и домородците. Свет во кој не диктираат само моќните. Свет во кој глобализацијата не ја управуваат само политичарите и шефовите на претпријатија.

Првиот форум што се одржа во 2001 година во Порто Алегре требаше да биде контрадвижење на Светскиот економски форум во Давос. Сосем свесно терминот на одржување му беше определен паралелно со ексклузивниот форум во швајцарските планини. А, и името е изведено од собирот во Давос, само не Светски економски форум, туку Светски социјален форум.

Weltsozialforum Demonstration Porto Alegre

Порто Алегре-демонстрации против ирачката војна

Експлозија на трошоците за одржување

Откако на првиот форум се собраа околу 20.000 учесници, капацитетот на форумите во 2005 со 155.000 и во 2009 година со 150.000 учесници „пукаше по сите шавови“. Но, зголемувањето на учесниците значеше и експлозија на трошоците.

Без финансиската помош на американските фондации како Форд или Рокфелер, организаторите на Светскиот социјален форум одамна ќе банкротираа. Така фондаците на две претпријатија кои се за глобализација на светската економија, го спасија форумот на критичарите на глобализацијата! Во 2005 година, дури, еден дел од трошоците за форумот, кој чинеше осум милиони американски долари, покри бразилската нафтена компанија Петробрас. Голем дел од учесниците на форумот тоа го оценија како предавство на принципите на форумот.

Без „опиплив резултат“- предност или слабост

Она што постојано е предмет на критика е и фактот дека форумите се без „опиплив“ резултат. Тие, принципиелно завршуваат без заеднички изјави. Некои, пак, сметаат дека токму отворениот карактер на платформата е нејзината јака страна. На вакво мислење е и бразилскиот активист за човекови права и соосновач на форумот, Франциско Вајтекер:

Friedensmarsch von 200.000 Menschen eröffnet Weltsozialforum

„Силата за мобилизација што ја има форумот е во фактот дека тој не е диригиран од некакво раководство. Се работи за хоризонтално движење во кое секој може да изнесе свои идеи и искуства. Тоа создава простор за мултиплицирање.“

Мултипликација која создава и проблеми. Така, во 2005 година во Порто Алегре за една недела се одржаа буквално 2.500 одделни манифестации, што е непрегледно.

Паралелно со тоа се мултиплицира и самиот форум. Од една страна, во меѓувреме редовно се одржува надвор од Бразил - на пример во Мумбаи и Најроби. Тоа би требало да го олесни учеството на азиските и африканските учесници кои не можат да си дозволат патување во Порто Алегре, ниту временски, ни финансиски. Освен тоа, паралелно со централниот форум, во цел свет се одржуваат и континентални, национални, регионални и тематски форуми. Ваквата мултипликација на форумите го ослабна движењето за кое постои опасност да се распарчи на стотици потфоруми, чии резултати нема да можат да се следат, зашто никој нема да може да задржи прегледност. Затоа, пред се‘ европските групи, постојано бараат поголема концентрација и централизација.

Одлуката за форумот во Порто Алегре годинава да биде помал е донесена свесно, а наредниот голем форум е планиран за 2011 година во Сенегал.

Автор: Јоханес Бек/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска