1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гласовите во Ирак се бројат по двапати

Наспроти атентатите, парламентарните избори докажаа дека Ирак напредува на патот на политичка стабилизација. Американскиот претседател Барак Обама честиташе и рече дека САД ќе се држат до ветувањето за повлекување.

default

Преборјувањето на гласовите во Ирак почна веднаш по затворањето на изборните места. Извори од ОН информираат дека за да се избегнат какви и да е неправилности, гласовите се бројат двапати. Првите прелиминарни резултати се очекуваат в среда. Според првичните проценки на Државната изборна комисија, одзивот се движи меѓу 50% и 65%.

Да не се прогласуваат прерано победници

Претседателот на Изборната комисија Фараџ ал-Хајдари ги предупреди партиите и нивните кандидати да не се прогласуваат прерано за победници, бидејќи засега навистина нема никакви доверливи резултати. Независни набљудувачи во Ирак очекуваат тесна борба меѓу Коалицијата за правна држава на премиерот Нури ал-Малики, Коалицијата Ал Иракија на поранешниот премиер Ијад Алави и Алијансата на шиитите предводена од Амар ал-Хаким и Муктадада ел-Садр. Потпретседателот на Ирак, Абдел Абдул Махди оцени дека нема да има изразен победник, туку дека ќе мора да се формира влада на национално единство.

Flash Irak Anschläge Wahltag 2010 Bagdad

И покрај нападите на денот на изборите, голем број луѓе излегоа на гласање - на фотографијата сцена по еден од нападите во Багдад

Немаше бојкот

Новина на годинешните парламентарни избори е фактот што немаше бојкот од ниедна етничка или религиозна група во земјата. Наспроти сиромаштијата и насилството, мнозинството Ирачани во демократските избори гледаат пат кон подобра иднина:

„Јас гласав за да се исполнат нашите надежи: слобода, демократија и решавање на нашите проблеми со Багдад“, вели една жена од северниот дел на Ирак, претежно населен со Курди.

Се чини дека исто така и припадниците на сунитското малцинско и на шиитското мнозинско население сфатиле оти без соработка нема мир и просперитет:

„За мене обединет Ирак е многу важна основа, бидејќи само на тој начин може да завладее нормално секојдневие во целата земја. Тоа е многу важно, тоа го сакаат најголемиот дел од оние кои излегоа на изборите.“

Flash Irak Wahl 2010

Дека состојбата во Ирак полека, но сигурно се менува, покажуваат и поместувањата на политичката сцена. Така, овојпат се појавија изборни сојузи кои ги надминуваат етничките и религиозни поделби. Таква е Коалицијата „Ал Иракија“ на поранешниот премиер Ијад Алави или партијата „Горан“, што се претстави како опозиција во Курдистан:

„Сами не можеме да ја смениме политиката во парламентот, но заедно со другите, со Арапите и Курдите, можеме да го надминеме религиозното секташтво во модерен Ирак,“ порачува лидерот на новата опозициона партија во курдскиот дел на Ирак, Мустафа.

Секако дека ваквиот тренд се’ уште има голем број противници, но националното помирување е предуслов за подобра иднина, порачува заменик-премиерот на Ирак, Барвари и предупредува:

„Помирувањето мора да успее, инаку на Ирак му се заканува страшна судбина. Вака, како што беше досега, не може да биде во иднина. Ваквите односи ќе не’ одведат само во нова диктатура!“

Американците ќе се држат до ветеното

Американскиот претседател Барак Обама ноќеска им честиташе на Ирачаните: „Во име на американскиот народ му честитам на ирачкиот за храброста да излезе на овие историски избори.

Amerikanische Luftwaffe in Irak

Американски трупи во Ирак

Наспроти насилството на оние кои сакаат само да уриваат, Ирачаните направија уште еден важен чекор во тешката работа за градење на нивната земја.“ Обама оцени дека изборите поминале добро, наспроти бомбашките напади: „Како што и се очекуваше, имаше инциденти предизвикани од Ал Каеда и други екстремисти во Ирак, кои се обидуваат да го пореметат напредокот на Ирак, убивајќи невини цивили кои ги користат нивните демократски права. Но, општото ниво на безбедност и спречување на дестабилизацијата зборуваат за растечката способност на ирачката армија да ги штити изборните единици.“

Конечно, американскиот претседател вети дека САД ќе се придржуваат до нивните ветувања: „Ирачкиот народ мора да знае дека САД ќе ги остварат нивните обврски. Ќе продолжиме со одговорното повлекување на војниците од Ирак. До крајот на август ќе го завршиме борбениот ангажман.“

Вестервеле го пофали храбрите Ирачани

И координаторот на европската надворешна политика Кетрин Ештон им вети поддршка на Ирачаните во обновата на земјата и етаблирањето на политичкиот систем. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, кој се наоѓа на турнеја по Латинска Америка, ги пофали храбрите Ирачани, кои со бројното излегување на изборите ја покажаа волјата за демократски развој на земјата.

Ова беа втори парламентарни избори во Ирак по соборувањето на режимот на Садам Хусеин, пролетта 2003 година.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM