1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Гласањето финишира со висок одзив и без инциденти

ОБСЕ/ОДИХР утре попладне ќе го објави прелиминарниот извештај за текот и регуларноста на денешното гласање на локалните избори во Македонија.

Со висока излезност и без инциденти завршува гласањето од првиот круг на локалните избори во Македонија. Во Кичево, според Општинската изборна комисија, излезноста на гласачите до 17 часот била 71,85 отсто. Таму за гласање избирачите чекале од еден до два часа. Висок одзив од 80 отсто до 16 часот имало и во малата општина Вевчани, која има само три избирачки места и 2.055 регистрирани гласачи.
МВР денеска оцени дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, без ниту еден посериозен инцидент. Според портпаролот Иво Котевски, на некои места имало задоцнување и мали прекини при гласањето заради технички причини, но тоа генерално не влијаело на избирачкиот процес. До МВР биле доставени неколку поплаки и претставки, од кои поголемиот дел за нарушувања на предизборниот молк. МВР денеска поднесе кривична пријава за лице од Куманово на возраст од 28 години поради основано сомнение дека сторило кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“ и „обид за спречување на избори и гласање“. Лицето се товари дека во 9 часот и 15 минути на гласачкото место 1040 во ОУ „Наим Фрашери“ во Куманово ги расфрлало гласачките ливчиња и предизвикало прекин на гласањето по што избегало. Сторителот е идентификуван, случајот документиран и против него е поднесена кривична пријава. Котевски посочи дека е процесуиран и посебен извештај за случај во село Зрновци, каде две лица се товарат за „поткуп при избори и гласање“ бидејќи, според сознанијата на полицијата, на лице од селото му дале пари за да гласа за нив.

Набљудувачите со забелешки 

Мобилните и статичните набљудувачи на изборниот процес, денес континиурано ја информираа јавноста за текот на гласањето. Граѓанската асоцијација „Мост“ попладнето ги објави евидентираните нерегуларности на повеќе избирачки места.
„На гласачко место 1583 општина Радовиш забележани се повеќе од 10 случаи на семејно гласање, а на гласачко место 1999 во општина Тетово повеќе од 35 такви случаи. На три гласачки места во село Лабуништа, општина Струга, евидентирани се вкупно 59 случаи на семејно гласање, а на три гласачки места во општина Пласница повеќе од 60 случаи на семејно гласање и некористење на УВ ламба. На гласачкото место 2613 во општина Карпош било регистрирано неовластено присуство на носител на кандидатска листа, а на гласачко место 1253 во општина Охрид биле утврдени два случаи во кои на гласачките ливчиња имало кандидат од друга општина. ОИК го посетила гласачкото место и овие ливчиња ги ставиле во посебен плик“, соопшти „Мост“.
Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС кој во соработка со Институтот за демократија (ИДСЦС), го спроведува проектот „Мојот избор“, за следење на локалните избори 2013 година, соопшти дека изборниот процес поминува главно во мирна атмосфера и со висок одзив на гласачите. Според МЦМС, забележани се неколку неправилности од различен вид - случаи на семејно гласање, обиди за гласање за друг, некористење на спреј и пристрасно однесување на членови на избирачки одбори. Граѓанската иницијатива „Цивил“, која врши мониторинг на изборниот процес со 140 статични набљудувачи и со мобилни екипи, евидентирала агитирање на партиските активисти за време на изборите, манипулација со социјално загрозените категории и поткуп на гласачи.
Директорот на ОБСЕ/ОДИХР Јанез Ленарчич, најави дека утре попладне ќе биде објавен прелиминарен извештај за текот и регуларноста на денешното гласање.


„Нема да споделиме информации за индивидуално набљудување кое може да ја наруши сликата. Ќе обезбедиме севкупна оценка за утре попладне“, изјави Ленарчич. Тој потсети дека за два месеци ќе биде изготвен конечниот извештај, што ќе содржи конкретни препораки за Владата и за другите учесници во изборите, кои ќе треба да се земат предвид за да се унапреди изборниот процес во земјата.

Дипломатскиот- не биометриски пасош

Со мали исклучоци, денеска на 2.976 избирачки места во 7 часот мирно и во демократска атмосфера почна гласањето на петтите по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија, на кои своето право на глас можеа да го остварат 1.743.403 граѓани. Процентот на вкупната излезност на изборите, ДИК ќе го соопшти по затворањето на гласачките места во 19 часот.
Претседателот на ДПА Мендух Тачи, е единствениот партиски лидер кој денеска не го оствари своето право на глас, бидејќи го немало во избирачкиот список. Од МВР и од ДИК велат дека Тачи немал биометриски лични документи кои се задолжителни за да се оствари правото на глас, туку на избирачкото место приложил дипломатски пасош, во кој не е наведена адреса на живеење. Поради тоа не постоела можност тој да биде евидентиран на кое изборно место гласа. Сопругата на Тачи и двајцата синови биле во избирачкиот список и го оствариле своето гласачко право. Според извори од партијата, правото на глас не успеала да го оствари и пратеничката на ДПА, Мерале Ферати.